DAMNATIO MEMORIAE

страшо ангеловски

Пред околу 2.000 години, во тогашната Римска империја бил воведен принципот, или законот, сеедно, на „damnation memoriae“, нешто што на англиски јазик би се превело како „condemnation of memory“, а на се’ уште постоечкиот македонски, како „бришење од меморијата“, како „нешто што не смее да остане запаметено“.

Овој принцип, или закон, сеедно, го спроведувал римскиот Сенат и со него биле казнувани сите оние, кои според Сенатот, се наоѓале на списокот на „неподобни“, на списокот на поединци, семејства, па се претпоставува дури и имератори, кои паднале во немилост и чие постоење, или макар и сеќавање на нив, претставувало пречка во остварувањето на „повисоките цели“ на актуелните владетели.

Овој принцип, или казна, како сакате наречете го, се сметал за пострашно нешто и од смртната казна. Имено, смртната казна претпоставувала само физичко ликвидирање на „неподобниот“, „непослушниот“, со можност на неговиот гроб, а со тоа и во сеќавањето на идните генерации, за навек да остане запишано неговото име, годините на раѓањето и смртта, а со тоа и доказот за неговото постоење во овој свет. Од друга страна, принципот на „damnatio memoriae“, значел целосно бришење на оној, или оние, за кои бил наменет. Па, така, поединецот, семејството, па дури и императорот, се бришеле од сите книги кои говореле за нивното постоење, им се уништувале спомениците и гробовите, се уривале имотите во нивна сопственост, се претопувале монетите со нивните ликови и имиња, доколку такви постоеле. Со еден збор, се бришеле буквално сите траги за нечие постоење. Тоа бришење се извршувало ревносно и темелно и со полно срце потсмев и злоба кај неговите извршители. Нивната неограничена моќ, во моментите на политичко лудило или остварување на сопствени налудничави цели, можела да избрише родослов на цели семејства, на генерации и генерации постоење. Затоа за „damnatio memoriae“ се зборува и како за процес, или закон, сеедно, за одземање на честа, или ОБЕСЧЕСТУВАЊЕ.

Денес, две илјади години подоцна, ние Македонците во 21- от век, во векот кога сите околу нас се со полни усти демократија и човекови права, а со полни срца омраза, лицемерие и дволичност, сме подложени токму на процесот на „damnatio memoriae“, или „бришење од меморијата“. Денес, овој уништувачки процес, за првпат се спроведува врз цел еден народ, македонскиот. Денес, токму оние што за себе милуваат да речат дека се чувари на демократијата и човековите права, корумпираните неолиберални бирократи од ЕУ и НАТО, кои се всушност обични пијани, бедни креатури, како Жан Клод Јункер, на пример, со своите уцени и закани, а преку „бакнувачот на пенкала“, врз живото ткиво на македонското постоење го спроведуваат процесот на „damnation memoriae“, на „condemnation of memory“, на бришење на „нешто што не смее да остане запаметено“.

Така, преку срамниот, капитулантски договор со Атина, согласувајќи се на формирање мешовита комисија која ќе го надгледува спроведувањето на договореното,членот на комисијата предложен од Атина, ќе биде губернаторот Понтие Пилат на губернијата Северна Македонија, кој ќе одлучува, според принципот на „damnatio memoriae“, кои споменици ќе треба да бидат урнати, кои автопати и аеродроми преименувани, кои гробови прекопани, кои книги инквизициски запалени, кои филмови, драми и песни забранети, а се со цел да не остане ништо, буквално ништо, што би сведочело за македонското постоење во периодот до смешното нулта време за македонското појавување од нигде никаде, некаде во шестиот, седмиот век.

Потоа, губернаторот назначен од Атина, ќе ни ја удри клоцата нам, на Македонците и ќе не’ префрли во рацете на членот од мешовитата група предложен од Софија, формирана врз основа на  договорот за добрососедство со Република Бугарија. Оти, нему, на Атињанецот, де, му е битно да го избрише нашето постоење само до тука, до нултото време на нашето појавување. Од тука, грижата за нашето целосно бришење како народ, преку процесот на „damnatio memoriae“, го презема наследникот на скоропочинатиот Божидар Димитров, кој според договорот, ќе има право да ги избрише натписите и надгробните плочи на жртвите на бугарската фашистичка полиција, да ги забрани и инквизициски запали сите книги и учебници по историја, да ги забрани сите драми, филмови и песни, кои не се според заедничката ни историја, односно, не се во духот на нашите „бугарски корени“. Така, нулта времето на нашето појавување како македонски народ, од смешниот шести, седми век на некакво словенско доселување на Балканот, ќе го помести на денот на референдумот од пред едвај два-триесет години. Во најдобар случај, во времето на „коминтерновскиот декрет за формирање македонска нација“, според нивната болна потреба за крадење македонска историја.

Понекогаш, примената на „damnatio memoriae“ во стариот Рим имала за цел и материјално богатење на нејзините извршители, така што по бришењето на постоењето на поединец, семејство, или дури император, целото одземено материјално богатство му припаѓало токму на оној кој го извел „бришењето на она што не смее да остане запаметено“. За материјалната полза од спроведувањето на процесот за целосно „бришење на нешто што не смее да остане запаметено“, или за целосно бришење на македонското постоење, која ќе ја имаат некои претставници на ЕУ и НАТО, како и бакнувачот на пенкалото, оставам на сознанијата и разумот на секој од читателите. Ползата за Атина и Софија е непроценлива – непостоењето на македонската држава и македонскиот народ ги заштитува нивните украдени истории.

За мене, само едно нешто останува неспорно. Доколку насилно наметнатиот процес на „бришење на нешто што не смее да остане запаметено“ успее, тоа ќе биде крај на македонското постоење преку остварување на крајната цел на овој процес, кој во својата суштина, покрај уништувањето, го има и одземањето на честа или обесчестувањето на еден цел народ – македонскиот. А, чесните луѓе по секоја цена мора да го спречат токму – обесчестувањето.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес