Данела Арсовска: Со знаењето ќе придонесам Скопје да стане современа европска метропола

Независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска во вечерашното гостување во „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија истакна дека на скопјани ќе им понуди програма која ќе биде различна од се она коешто е досега понудено и ќе се понуди од останатите кандидати, со поинаков и поиновативен пристап на кој ќе го води градот, потенцирајќи дека со своето знаење ќе допринесе Скопје да биде современа, европска метропола.

„Јас политичар не сум и затоа мојот пристап ќе биде пристап на знаење, компетенции, базиран на сите мои меѓународни искуства коишто сум ги имала и имам како претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија. Планирам тие најдобри практики да ги имплементирам во градот, меѓутоа, во овој период секој ден имам средби со скопјани, со целни групи на граѓани коишто даваат свој личен печат во се она што треба да се имплементира во мојата програма за да таа биде една финална целина којашто ќе прерасне во програма на градот Скопје. Сакам да порачам дека сум отворена за сите и ќе бидам градоначалник на сите скопјани”, изјави Арсовска.

Арсовска се заблагодари на поддршката којашто во изминатиот период ја доби од скопјани и од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, дополнувајќи дека ги повикува и се надева на поддршката од Алијанса за Албанците и Алтернатива, од сите скопјани, но и од симпатизерите на СДСМ.

„Сакам да истакнам дека јас член на политичка партија до сега не сум била, ниту сум и тоа се факти. Други факти поинакви од ова нема. Ја објавив својата кандидатура како независен кандидат којшто претендира да биде градоначалник на градот Скопје. Најважно од се, верувам дека ќе ја добијам поддршката на скопјани, а уште поважно, поддршката ја барам и од симпатизерите на СДСМ”, вели Данела Арсовска, дополнувајќи дека во оваа градоначалничка трка влегла затоа што верува дека ги поседува сите оние квалитети коишто се неопходни и потребни за квалитетно менаџирање на градот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.