Данела Арсовска за Опсервер: Скопје конечно ќе биде модерен град!

Правник, економист, професионалец и вечен борец, така се претстави Данела Арсовска во интервјуто за Опсервер. За професионалниот ангажман како претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија и како борец за силна економија, Арсовска одговара:

„Како претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија делував застапувајќи над 24 илјади мали и средни македонски претпријатија. Тие претставуваат повеќе од 99 проценти од активните македонски компании и се столбот на економијата во земјава, каде се креираат работни места за повеќе од 80% од вработените лица во приватниот сектор. Овие мали претпријатија кои се носители на македонската економија беа некако заборавени во системот. Успеав за една година да ја спроведам програмата која ја зацртавме, а се изборивме и за пакет мерки за овие компании, кои најмногу беа погодени од кризата со ковид, едновремено помагајќи на македонскиот здравствен систем со донации од компаниите. Во меѓувреме успеавме Сојузот да го подигнеме како партнер во разговорите со Владата, поставувајќи нови стандарди во креирањето на политики и мерки, како и во преговорите.”

Она што ја истакнува Арсовска е нејзината постојана борба за постигнување на целта, дали професионално или приватно. Данела говори и за своите лични квалитети кои придонесоа за многу успешна кариера и бројни награди како и членувања во истакнати меѓународни тела, но, исто така и за својата лична битка со ракот и како тоа ја промени и ја направи уште посилна.

„Бев многу млада кога се соочив со болеста, но со единствена мисла дека ќе живеам за себе и своето семејство, и уште од тогаш знаев дека нема откажување. Докажано е дека ако имате позитивен пристап тоа помага при справување со стресот, но полесно е да се каже отколку да се направи. Моето семејство ми ја даде најголемата поддршка, моите родители, мојот сопруг беа и сè уште се постојано покрај мене. Сме поминале и добри денови, но и тешки времиња во борба за добро здравје и во борба за живот, а тоа нè прави уште посилни. Јас сум борец. Треба само да запомните колку далеку сте стигнале, и дека во секој од нас има многу повеќе храброст и сила од тоа што мислиме, потребна е само силна верба и истрајност за да се реализира визијата. Јас верувам во себе и верувам во поубава иднина за Скопје и скопјани”, истакна Данела Арсовска.