Данев побара Собранието да ја продолжи седницата за Законот за управување со отпад

31

Со меѓусебни обвинувања кој колку направил или не направил, кој искрено работи, а кој само настапува со декларативни заложби, продолжија препукувањата на власта и опозицијата за загадувањето и увозот на отпад.

Опозицијата ја обвинува Владата предводена од СДСМ дека три години не направила контрола каков отпад се внесува во државата, посебно во ситуацијата кога Македонија е една од водечките земји во светот по загаденост на воздухот. Бара од спикерот Џафери да ја продолжи седницата каде е ставен законот за забрана на увоз на отпад, предложен од ДОМ.

Џафери, пак, очекува најпрво политичките елити да се договорат околу ова законско решение, за да ја продолжи седницата. Заменик-министерот Јани Макрадули тврди дека Владата првпат во изминатите години има план за справување со загадувањето, а министерот за утре најави прес-конференција. Друштво ќе му прават градоначалникот Шилегов, директорите на Царина и на депонијата Дрисла, како Инспекторатот за животна средина. Ќе кажат какви мерки презеле за справување со отпадот.

Два часа подоцна пред Собранието ќе има протести. Младинското движење за климатска правда организира централен перформанс – симболично седнување на улицата, кое ќе ја претставува “чекалната” во која се наоѓаат граѓаните додека се донесе решение за секојдневното труење од согорување на отпад.

Царината вчера извршила вонреден инспекциски надзор над пратка со РДФ отпад запрена на граничниот премин Богородица. Овој отпад е од биоразградливи материјали и се користи како енергенс во цементарницата УСЈЕ. Ваквиот отпад, односно гориво, е дозволено во ЕУ, но кај нас ДОМ бара забрана за увоз.

Министерот Нуредини тврди дека нема да дозволи земјата да стане депонија за странски отпад.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.