Данев: Со стратегијата „од чистачка до директор“ Заев ја партизира државата

СДСМ продолжува со акцијата за претворање на државата во партија, а партијата во држава и според принципот „вработување партиски кадри од чистачка до директор“ кој сегашниот премиер Зоран Заев го најави како модел на владеење, владејчката партија брутално ја партизира државата на сметка на професионалноста на државната администрација, посочи на прес-конференцијата во вторникот Драган Данев, претеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Како поткрепа на своето тврдење, Данев истакна дека во изминатиот период се сменети 1.500 членови на управни и надзорни одбори, во десетици случаи имало незаконско и неосновано отпуштање вработени во администрацијата, притисокот врз професионалците во Министерството за внатрешни работи и во другите министерства врз кои се вршат мобинг и закани за отпуштање.

„Јавноста е сведок како во институциите се вработуваат ќерки на коалициони партнери, братучеди, партиски војници, комичари, поети, твитер ликови, шарени револуционери и слични кои поседуваат партиска книшка на СДС, која пратениците на СДС ја нарекуваат втора лична карта“, рече Данев.

Поради остварувањето на вакците цели на владејачката СДСМ, продолжи Данев, подготвен и е предложениот ребаланс на Буџетот, во кој има кастрења во многу сектори само за да се зголемуваат ставките кои ќе ги покријат партиските вработувања.

„Со ребалансот на Буџетот се кратат капитални инвестиции, нема зголемување на пензии и социјална помош, нема зголемување ниту на платата за 5 отсто за вработените во администрацијата. Се кратат милиони евра за реформи во судството и полицијата, стотици милиони денари за канализации и водоводи, се кратат пари за центри за социјална работа, се кратат милијарда денари за образованието, за студентски домови, за универзитети и уште десетици и десетици други проекти во интерес на граѓаните“, набори меѓу другото пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Но затоа пак, посочи Данев, СДСМ предвидува со парите на граѓаните за да се спроведат партиски вработувања и брутално да ја депрофесионализира администрацијата.

„Десетици милиони денари ќе потроши СДС само за привремени вработувања во Владата, само за до крајот на годината. На годишно ниво, тоа се повеќе стотици милиони денари, пари на граѓаните, кои ќе служат за вработувања на партиски војници на СДС и за профитерите од невладиниот сектор кои станаа владини чиновници“, појасни Данев.

Рече дека по неполни два месеца од владеењето на СДСМ се покажува дека предизборните ветувања за „живот“ всушност биле начин како да се дојде до позиција од која ќе се згрижуваат партиските кадри.

„Ветуваше развој а сега гледаме кратења и стопирања на проекти во интерес на граѓаните, ветуваше еднаквост а сега спроведува партизирање и брутална партиска хајка против секој што не размислува како нив“, заклучи Данев.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.