Данев: ВМРО-ДПМНЕ бара зголемување на платите во образованието за 5 проценти

Претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ имаше силен фокус кон образованието и кон развој на воспитно-образовниот процес. Од страна на оваа влада на СДС, во Собранието најмалку се дискутира за образованието и неговиот развој.

Ова го истакна пратеникот Драган Данев на денешната трибина Отворено со Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ние како опозиција до сега имаме 13 законски решенија поденесени до Собранието на РМ, а два од нив се однесуваат конкретно за образованието. Едниот е законот за ваучери со кој се предвидува дополнителна парична помош за оние семејства кои не можат да си овозможат да купат компјутерска опрема. И другиот закон кој тангира голем број на луѓе вклучени во образовниот систем, а тоа е законот со кој се предвидува од 1. јануари 2018 година, 5% да се зголеми платата на администрацијата и тука посебен акцент, бидејќи дебатава е посветена на образованието, ставам на нивните плати, рече Данев.

Сега СДС, додава Данев, може на дело да покаже дека не била празна нивната реторика и ветувањата во однос на образованието пред изборите. -Еве им шанса на дело да покажат дека тоа што го збореа ќе го исполнат, прифаќајки ги законските решенија кои ги нуди ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е зголемување на платите на наставниците, целиот технички кадар и сите кои работат во високообразовните институции во Македонија.

-ВМРО-ДПМНЕ во изминативе години квалитетно ги зголеми платите на наставниците и тоа во услови на тешка политичка и економиска криза, и водеше огромна грижа за наставниот кадар, подвлече пратеникот Данев.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ започна со најновиот начин на комуникација со граѓаните, тие од пред неколку дена преку трибините насловени „Отворено со комисиите на ВМРО-ДПМНЕ – Знаеме како, можеме подобро“, се уште поблиску до народот. Денеска трибина имаше комисијата за образование и наука.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.