Дани Алвеш: Финалето на Копа либертадорес надвор од Јужна Америка е најголемиот срам

Бразилскиот дефанзивец на Пари Сен Жермен, Дани Алвеш ја коментираше во петокот одлуката за преместувањето на реваншот од финалето во Копа либертадорес меѓу најгоемите аргентински ривали Ривер Плејт и Бока Јуниорс во Европа, оценувајќи дека станува збор за „најголемиот срам“ на кој бил сведок.

Мечот треба да се одигра на 9-ти декември на стадионот на актуелниот европски шампион Реал, „Сантијаго Бернабеу“, во шпанскиот главен град Мадрид. Со оваа одлука Јужноамериканската фудбалска конфедерација (CONMEBOL) го казни тимот на Ривер Плeјт за вандализмот на неговите навивачи, кои го нападнаа автобусот со фудбалерите на Бока Јуниорс, што доведе до одлагање на натпреварот на „Монументал“ на крајот на минатата седмица.

„За мене, Ривер – Бока надвор од Јужна Америка е најголемиот срам што сум го видел. Навистина сум засегнат како фудбалер, како латиноамериканец, како човек кој смета дека овој спорт треба да се доживува со чувства, со страст и најчесто со почит. Што да кажеме за сите оние луѓе кои немаат никаква вина за тоа што се случило? Тие треба да плаќаат поради некакви простаци и силеџии. Тие имаа уникатна шанса да ги гледаат Ривер – Бока, но сега треба да одат во Европа“, порача Алвеш во видео порака објавена на социјалните мрежи.

Ривер и Бока реваншот од финалето на латиноамериканскиот пандан на европската Лига на шампионите требаа да играа вечерта минатата сабота, но натпреварот беше одложен за неделата поради нападот врз автобусот со играчите на Бока, при што двајца фудбалери се сериозно повредени.

Инцидентот се одигра во близина на стадионот „Монументал“ на кој е домаќин Ривер Плејт, а полицијата со солзавец ги растера хулиганите. По нападот врз автобусот, навивачите на Ривер ги блокираа и приодите кон стадионот за возилата на итната медицинска помош да не можат да им пружат помош на играчите на Бока. Најтешко мина Пабло Перез кому дел од стаклото му се забил во окото, и е испратен на итни прегледи. За среќа, не станува збор за потешка повреда. Според извештаите уште неколку играчи на Бока се здобиле со расекотини од стакло, а неколку доживеале и труење со солавец.

По нападот беше објавено дека почетокот на мечот е одложен за еден час, а потоа за уште еден час. Водствата на CONMEBOL и на светската фудбалска асоцијација FIFA бараа натпреварот да се одигра, но играчите на Бока Јуниорс не сакаа да попуштат. На крајот дуелот беше одложен за недела, но денеска е повторно одложен на неодредено.

Првата пресметка на „Бонбониера“ пред две седмици заврши со резултат 2:2, а и тој дуел се одигра ден подоцна од предвиденото, но тогаш поради големото невреме што ја зафати аргентинската престолнина Буенос Аирес.

Аргентинското „Суперкласико“ се вбројува меѓу најголемите градски дерби во фудбалот на планетата, а Бока и Ривер досега одиграле 249 натпревари, но пред две седмици првпат меѓусебно се сретнаа во финалето на најпрестижното латиноамериканско натпреварување.