Даниел се’ уште ги чека парите од „Икс фактор Адрија“

Победникот на првата сезона на регионалното музичко ТВ-шоу “Икс фактор Адрија”, Даниел Кајмакоски, сè уште не ги доби ветените 10.000 евра, што белградската продукција МБК му ги вети по победата во март. Откако се распадна продукцијата, Кајмакоски вели дека наградата му е само делумно исплатена и доделена.

Наскоро ќе започне втората сезона на шоуто, која ќе ја реализира продуцентската куќа ЦЛМ. За Македонија, дел од продукцијата ќе биде “Сител”, а во Србија, правата за емитување ги откупи телевизија “Прва”.

“Наградата што беше ветена за победникот, ми беше делумно исплатена и доделена, но продукцијата што го организираше минатогодишното шоу веќе не постои и е затворена! Убеден сум и се надевам дека победникот на втората сезона од ‘Икс фактор’ ќе го добие тоа што ќе биде промовирано како награда”, изјави Кајмакоски за “Вест”…

Автомобилот „мини морис купе“, кој исто така беше дел од ветените награди, Даниел го доби во април, еден месец по финалето кое се одржа во Белград.