Данило и официјално претставен во Реал Мадрид

Реал Мадрид денеска и официјално го претстави Бразилецот Данило како свое прво засилување за следната натпреварувачка сезона. Десниот бек, кој пристигна од Порто за отштета од 30 милиони евра, не го криеше задоволството што станува дел од овој трофеен клуб, иако на неговата промоција на „Сантијаго Бернабеу“ се појавија само 600 навивачи.

„Пресреќен сум, не можам да го опишам чувството што станувам член на најдобриот клуб во светот. Знам дека постои силна конкуренција, но тоа е нормално во ваквите клубови и јас ќе сторам се за да се изборам за место во првиот тим. Целта е јасна, што поскоро да се адаптирам на случувањата во Реал и да се најдам меѓу стартните единаесетмина на стартот од сезоната“ – изјави Данило.

„Кралевите“ се надеваат дека во најскоро време ќе го комплетираат и трансферот на Давид де Хеа од Манчестер јунајтед, но најпрвин ќе треба да го испратат Икер Касилјас во Порто.