Данска е против Македонија и Албанија да почнат преговори за членство во ЕУ

Данска не е подготвена да го поддржи на јунската средба на ЕУ предлогот на Европската комисија за почеток на преговорите за пристапување на Албанија и Македонија кон ЕУ. Ова го изјавил по самитот на ЕУ во Софија, данскиот премиер Ларс Расмусен, пишуваат бугарски медиуми.

„Не, јас не мислам дека ќе ја поддржам оваа иницијатива. Ние треба да бидеме искрени по ова прашање“, рекол Расмусен. Според него ЕУ не треба да ги повторува претходните грешки, меѓу кои, според Расмусен, е и одлуката да се иницираат преговори за влез на Турција во ЕУ.

Со својата позиција, Данска де факто се приклучува кон Франција и Холандија, кои исто така изразуваат сериозни резерви. 

Албанија, Македонија, Србија, Црна Гора, како и Турција и понатаму остануваат официјални кандидати за пристап во ЕУ. Преговорите со Црна Гора започнаа во 2012 година, а со Србија во 2014 година, и ниту една од овие земји дури нема теоретски дефинирани можни рокови за влез, иако тврдоглаво се зборува во 2025 година.