Данска и Канада по 50 години ставија крај на „војната со вискито“

Данска и Канада по речиси 50 години го решија спорот за сопственоста на ненаселениот остров Ханс на Арктикот, ставајќи крај на „војната со вискито“, јавува Би-би-си.

Спорот за островот настанал по почетокот на преговорите во 1971 година околу расправиите за теснецот Нарес, кој ја дели Канада и автономната данска територија Гренланд.

Договорот за граница во теснецот беше постигнат во 1973 година, но за време на преговорите, двете страни го бараа правото врз островчето. Според меѓународното право, тоа можеа да го направат и Данска и Канада, па беше договорено спорот за островот Ханс да се реши подоцна.

Меѓутоа, во 1984 година, Канада испрати војска на островот, го истакна канадското знаме и остави шише канадско виски пред да си замине.

Неколку недели подоцна, данскиот министер за Гренланд отиде на островчето и го замени канадското знаме со данско, оставајќи шише аквавита од Копенхаген. Министерот оставил и порака на која пишувало „Добредојдовте на данскиот остров“. Така започна „Војната со вискито“.

Во изминатите 49 години, неколку експедиции од Отава и од Копенхаген отидоа на островот Ханс, за да го подигнат знамето на нивната земја и да остават шише од национален пијалок.

Данска и Канада одлучија во 2018 година да формираат заедничка работна група за решавање на деценискиот спор. Сега официјални лица од двете земји се согласија грубо да го поделат островчето Ханс на половина.

Данското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека договорот меѓу земјите ќе биде потпишан по потврдата во парламентите на двете земји. Според договорот, островот Ханс ќе биде поделен по празнината на неговата површина.

Откако ќе се потпише договорот, Канада и Данска ќе ја имаат најдолгата поморска граница во светот, долга 3.882 километри.