Данска извести за запирање на истекувањето од гасоводот Северен тек

Од двата цевковода на рускиот гасовод Северен тек 1 во Балтичкото Море, престана да истекува гасот откако беа оштетени во експлозија, објавија во неделата данските власти.

Компанијата „Nord Stream AG“, операторот со гасоводот Северен тек 1, потврди дека притисокот во гасоводот се стабилизирал, објави данската агенција за енергетика на Twitter во неделата, додавајќи дека тоа значи дека гасот веќе не истекува.

Истата агенција во саботата објави дека гасот престанал да истекува од подводниот гасовод Северен тек 2. Шведските власти во саботата, исто така, известија дека количествата гас кои истекуваат од оштетените гасоводи се намалуваат

Од првите часови по полноќ во понеделникот беа објавени четири истекувања, две во данските и две во шведските територијални води, откриени на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, со кои гасот од Русија се испорачуваше во Германија, односно на пазарот во Европа.

Многу земји во Европа, како и самата Русија, сметаат дека истекувањето на гасот дошло по саботажа. Најмалку две експлозии се случиле под водата, објавија во четвртокот заеднички Данска и Шведска.

Сеизмолошките заводи на двете земји измериле потреси со магнитуди од 2,3 и 2,1 степени по Рихтер, оценувајќи дека „веројатно одговара на експлозивен набој од неколку стотина километри тротил“.