Данска на референдум се изјасни за учество во заедничката одбранбена политика на ЕУ

Три месеци по руската инвазија на Украина речиси 67 отсто од Данците се изјаснија за учество во заедничката одбранбена политика на Европската унија, покажуваат речиси целосно обработените резултати од вчера одржаниот референдум.

Позитивниот исход од изјаснувањето доаѓа откако Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО, бидејќи војната во Украина поттикна неколку европски земји да ги променат своите одбранбени политики.

„Данска вечерва испрати важна порака до нашите сојузници во Европа и НАТО и (до претседателот Владимир) Путин. Покажавме дека кога Путин напаѓа слободна земја и ја загрозува европската стабилност, ние, другите земји, се обединуваме“, изјави синоќа премиерката Мете Фредериксен. Таа уште нагласи дека Европа постоела и до 24 февруари, пред руската инвазија, а ќе постои и по неа.

Данска е членка на ЕУ од 1973 година, но во 1992 година беше против трансферот на поголеми овластувања на Брисел, кога 50,7 отсто од Данците го отфрлија Договорот од Мастрихт, основачкиот договор на Унијата. За да стапи во сила тој мораше да биде ратификуван од сите земји-членки. За да ги убеди Данците да го поддржат договорот, Копенхаген преговараше за серија исклучоци и Данците конечно го поддржаа „Мастрихт“ во 1993 година.

Данска остана и надвор од единствената европска валута отфрлајќи го еврото на референдумот во 2000 година, како и од заедничките политики на унијата во областа на правосудството, на внатрешните работи и на одбраната.

Изземањето од одбраната значеше дека таа скандинавска земја што е една од основачките на НАТО, не беше дел од заедничката надворешна политика на ЕУ кога е во прашање одбраната и не придонесуваше во воените мисии на Унијата.

Две недели по руската инвазија на Украина, данската премиерка соопшти дека со повеќето партии во Парламентот било договорено да се распише референдум за приклучување на Данска кон Заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и да инвестира многу во одбраната за да ја надмине границата од два отсто од БДП за одбраната, согласно заложбите на НАТО.