Данска незапирлива, Австрија ја намачи Шпанија

Ракометната репрезентација на Данска ја продолжи победничката серија на Европското првенство, откако во вториот натпревар од главната фаза во Група 1 ја совлада репрезентацијата на Унгарија со 28:24. Ова е петта победа во низа за домаќинот на првенството со што си обезбеди место во полуфиналето.

Хансен и Могенсен беа најефикасни кај Данска со по пет погодоци, додека во таборот на Унгарија најпрецизен беше Иванчик со шест погодоци. Данскиот голман Ландин го играше јубилејниот 100 -ти меч во дресот на националниот тим, при што успеа да одбрани десет удари на унгарските ракометари.

Во истата група Шпанија многу потешко од очекувањата стигна до триумф над Австрија, совладувајќи ја со минимални 28:27. Актуелниот светски шампион важеше за огромен фаворит во овој меч, згора на тоа беше засилен со повратникот Агинагалде, но Шпанците не најдоа начин како резултатски да се одлепат во однос на борбените Австријци. Австријците на крајот од натпреварот имааа и удар од девет метри за победа, но не успеаја да погодат.

Во последното коло во оваа група силите ќе гиодмерат Шпанија – Македонија, Австрија – Унгарија и Данска – Исланд.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.