
Данската економија оваа година се соочува со најголем пад од Втората светска војна, како резултат на глобалните мерки поради пандемијата на коронавирусот, соопшти во вторникот министерот за финансии Николај Вемен.
„Сериозно е. Коронакризата веројатно ќе влијае врз данската економија во следните неколку години. Но исцртавме пат за излегување од кризата, и истовремено ги преземавме првите важни чекори“, изјави министерот Вамен.
Во април тој рече дека Данска се соочува со едно од „најмрачните поглавја“ од својата историја, додека владата предвидуваше економски пад меѓу 3 и 6 отсто. За споредба, се очекува дека економијата во еврозоната годинава ќе падне за 7,5 отсто. Во текот на финансиската криза 2008/2009 година, данската економија доживеа пад од 4,9 отсто.
Данска вложи повеќе од 300 милијарди дански круни во својата економија преку повеќе пакети за помош, во кои се вклучени промени на даноците, на данокот на додадена вредност (ДДВ) и директни финансиски поттикнувања.
„Привремените пакети за помош треба да се испорачуваат во фази и да се заменат со мудри вложувања и иницијативи коишто ќе ги покренат економските активности“, рече Вамен.
Данска беше една од првите земји кои во март воведоа карантин за да се спречи ширењето на епидемијата на новиот коронавирус, и една од првите кои се отвора откако оцени дека успешно ја сузбила заразата.