Дански експерт: Шведска плати висока цена, но го победи Ковид-19

Еден од водечките дански епидемиолози, Ким Снепен, проценува дека епидемијата на корона вирус во Шведска веројатно е сузбиена, иако имунитетот на населението сè уште е под 60 проценти.

-Постојат индиции дека Швеѓаните се здобиле со ниво на имунитет на болеста, што заедно со другите мерки е доволно за да се сузбие инфекцијата – изјави Снепен, професор на Институтот „Нилс Бор“ во Копенхаген, за „Политикен“.

Минатата недела Шведска дневно регистрираше по 23 случаи на заразени со корона вирус на милион луѓе, во споредба со 61 случај во Данска.

Снепен сепак, признава дека Шведска има многу повисока стапка на смртност отколку Данска, со оглед на тоа што во Шведска починале речиси 5.900 луѓе, додека таа нројка во Данска е 635.

-Тоа е цената што ја платија, но позитивната страна е што можеби сега завршија со епидемијата – истакнува Снепен.

Шведска, чиј пристап кон епидемијата беше без воведување карантини со цел да се постигне „имунитет на стадо“ предизвика сериозни критики од медицински експерти и политичари, има нешто повеќе од 88.000 потврдени случаи на коронавирус. Во истовреме Данска има околу 29.000 потврдени случаи на Ковид-19, но сега бележи зголемување на бројот на заболени.

Сепак, други епидемиолози предупредуваат дека не може да се исклучи ризикот од повторно зголемување на бројот на заразени во Шведска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.