Данските ракометари ја „размонтираа“ Германија во олимпиското финале

Данските ракометари, актуелни трикратни светски шампиони, ја потврдија надмоќта освојувајќи го второто олимписко злато со најубедливата победа во едно олимпиското финале, совладувајќи ја репрезентацијата на Германија во Лил со 39:26 (21:12).

Финалниот меч веќе беше решен во првата половина од првото полувреме, кога избраниците на Николај Јакобсен тргнаа во серија од 6:0 за да поведат со 12:5 во 15. минута. Во 23. минута веќе беше 19:9 за Данците, кои на полувреме заминаа со плус 9 (21:12). Предноста на Данците продолжи да расте и во вториот дел, до плус 15 (35:20) во 49. минута.

Данските стрелци ги предводеше Матијас Гидсел со 11 голови. Магнус Ландин постигна седум гола, а Симон Питлик шест. Никлас Ландин имаше десет одбрани.

Најдобар стрелец кај германската репрезентација беше Јури Нор со шест гола, а по четири постигнаа Ренарс Ушинс и Јаник Колбахер.

Така Данска стана првата репрезентација, по Хрватска, која освоила олимписко злато со сите победи на натпреварите кои ги играла на турнирот.

Со две злата и едно сребро Данците ја минаа Хрватска која има две злата и една бронза. Германците останаа на едно злато освоено од репрезентацијата на тогашната Источна Германија во 1980 година во Москва, а ова им е трето сребро.

По петти пат во историјата бронзениот медал го освои репрезентацијата на Шпанија која во утринската програма на последниот ден од овие Игри ја совлада Словенија со 23:22.