Дарко Костадиновски и Осман Кадриу избрани за уставни судии

Собранието, по долго одложување, во четвртокот конечно ги избра двајцата нови членови на Уставниот суд, откако претходно законодавниот дом најави дека ќе почне да работи напладне, поради немање кворум и го пролонгираше почетокот на работата.

Собранието на Република Македонија ги избра Дарко Костадиновски и Осман Кадриу за нови уставни судии.

Костадиновски и Кадриу доаѓаат на местото на судијките Наташа Габер Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им заврши во октомври годинава. Тие беа избрани за судии на Уставен на предлог на претседателот Бранко Црвенковски во 2008 година.

Новоизбраниот уставен судија на предлог на претседателот Ѓорѓе Иванов, Дарко Костадиновски кој воедно неколку години е негов близок соработник по изборот за новинарите во парламентот изјави дека не го советувал шефот на државата за масовната аболиција на осомничените од страна на Специјалното јавно обвинителство, во април 2016 година.

Дарко Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот„ Свети Кирил и Методиј“ од областа на меѓународното право. Докторирал на тема „Советодавната надлежност на Меѓународниот суд на правдата: правни последици од советодавните мислења на Судот“ и е автор на книгите „Меѓународна арбитража“ и „Меѓународниот суд на правдата – неопходност од реформи и промени (Советодавните мислења на Судот и нивните импликации)“.

Костадиновски како предлог за уставен судија, доаѓа од местото државен советник за надворешна политика во кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Член е на кабинетот на Претседателот на Република Македонија од 2001 до денеска.

Да се биде уставен судија е привилегија, но оваа функција носи голема одговорност, рече Осман Кадриу откако Парламентот го избра за нов уставен судија на предлог на претседателот Ѓорге Иванов.

„Уставен судија треба да биде одговорен во остарувањето на функцијата, но и на надлежноста на судот. Преку овој суд се остварува државниот, општествениот и граѓанскиот интерес. Да се штити правниот и уставниот поредок, тоа значи да се сака Уставот, а да се сака Уставот значи да се сака државата“, рече Кадриу.

Според него, законот за јазици кој беше изгласан по неговиот избор не е во спротивност со Уставниот поредок.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.