Дарко Шариќ: Работев со богати и влијателни луѓе во Србија

Српскиот наркобос Дарко Шариќ, кој беше уапсен на 18 март, денес се појави пред специјализираниот суд во Белград, пренесе електронското издание на српскиот весник „Блиц“.

На почетокот на судењето во Специјалниот суд, каде нарко босот се појави за прв пат откако е подигнато обвинение против него за шверц на кокаин од Латинска Америка, Шариќ ја негираше вината.

„Не се чувствувам виновен по ниту една точка од обвинението. Сите точки од обвинението се обединети во една голема лага“, рекол Шариќ, додавајќи дека не е обвинет уште само за предизвикување земјотрес.

Нарко босот истакнал дека е работел со луѓе кои биле, а и продолжуваат да бидат богати и влијателни во Србија.

„Се чувствував многу лошо кога го пуштив телевизорот и слушнав дека е уапсен Сретко Калиниќ, а велат дека сите убиства ги наредил Дарко Шариќ“, изјавил уште Шариќ.

Тој дошол во судницата, која што била окупирана од голем број пријатели и роднини на уапсениот нарко бос.