Даштевски: Доколку партиите не се договорат навреме, постои алтернатива да се одложат изборите за еден месец

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски смета дека одржувањето на локалните избори ќе треба да се одложи за еден месец доколку до крајот на март политичките партии не се договорат околу идејата за земање отпечатоци од прст при гласањето.

Даштевски изјави дека во Собранието треба итно да се изгласаат измените на Изборниот законик, да се распише тендер за набавка на читачи, а потоа и меѓународен тендер поради високата сума, за што побрзо да се поврзат базите на податоци на граѓаните од МВР. Според него, парите за овој процес се обезбедени.

„Ако до крајот на март, почетокот на април, се договорат во работната група, може да се спроведе процесот за отпечаток од прст за гласањето, а нема ни друга алтернатива, тоа е задолжително според Законот и ние не може да не го спроведеме. Од она што го слушаме постои политичка волја да се заврши таа работа“, истакна Даштевски.

Доколку партиите не се договорат навреме има повеќе алтернативи, а една од нив би била да се одложат изборите за еден месец што би се направило преку измени во законот.

Даштевски апелира до партиите да се договорат навреме, за тоа да може да се имплементира.

Министерот за правда Бојан Маричиќ, кој денеска присуствуваше на настан во ДИК, рече дека во моментот кога ќе има консензус од сите политички партии тогаш ќе се спроведе собраниската процедура.

Според него, дилемите дали македонскиот систем е подготвен за ваков покомплексен изборен процес биле отворени од ДУИ. Несогласувањата, се како што посочи, околу изведбата на целиот процес, подготвеноста на системот за негово спроведување и на денот на изборите да бидеме сигурни дека ќе имаме минимални можности за проблеми и целиот тек да биде успешен за сите да бидат задоволни и никој да не ги оспорува резултатите

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.