Даштевски е нов претседател на ДИК

Речиси без дискусии и коментари и едногласно со 95 гласа за и без против и воздржан во Собранието помина изборот на новиот состав на Државната изборна комисија. На чело на оваа Комисија ќе биде Александар Даштевски, предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

„Констатирам дека претседател на Државната изборна комисија е избран Александар Даштевски, за потпретседател е избрана Дитмире Шеху а за членови на Државната изборна комисија се избрани Борис Кондарко, Оливер Ристовски, Радица Ристевска, Бобан Стојановски и Кренар Лога“, истакна Талат Џафери.

Единствено за збор се јави Кастриот Реџепи од Беса кој рече дека треба да се размислува составот на Државната изборна комисија да биде составена од непартиски членови и дека треба да се размислува за законски измени. Со ваквиот предлог се согласи и Гордана Силјановска Давкова пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„Би сакал во иднина да се имплементира идејата како што беше дадена од ОБСЕ Државната изборна комисија да има професионални членови, да бидат непартиски, да биде едно тело кое што не може да се оспорува. Според политичкиот договор кој што го имаат сепак се гласа како што се прави и денес. Јас за некои членови мислам дека се спорни“, посочи Кастриот Реџепи.

„Крајно време е и сосема го поддржувам господинот Реџепи да седнеме и да ги испитаме и преиспитаме ваквите тела. Одговорно тврдам дека ако не посегнеме по стручност и компетентност и во професионализацијата на Државната изборна комисија и во сите комисии кои што треба да одлучуваат за човековите права и кои треба да се водат од стручност и компетентност од знаење, од чест, од посветеност, нема да има вистински реформи“, вели Гордана Силјановска Давкова.

Новоизбраниот претседател Даштевски беше член на Државната изборна комисија пред 15-ина години, а неговата последна функција беше претседател на Комисијата за заштита од дискриминација. Даштевски доаѓа на местото на Оливер Дерковски, додека потпретседателка на ДИК останува Дитмире Шеху по предлог на ДУИ. Мандатот на ДИК истекува на 15 јануари.