Даштевски: Очекувам мирен изборен ден и демократско гласање, без технички проблеми со апаратите за отпечатоци од прсти и побрзо пребројување

Мирен изборен ден и демократско гласање утре, без технички проблеми со апаратите за отпечатоци од прсти и побрзо пребројување поради помал број гласачки ливчиња и помалку кандидати во споредба со првиот круг од локалните избори, очекува претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.

– Со оглед на проблемите што се појавуваа и интервенциите што се правеа, ние стекнавме солидно искуство и сега ќе биде многу подобро и како ќе поминува времето системот ќе се усовршува. Имаме и Акциски план како да се одвива гласањето таму каде што ќе се создаваат редици. Но, јас не очекувам сега така да биде бидејќи во првиот круг имаше четири и пол милиони ливчиња, сега има милион и шесто илјади, што е многу помалку. Има секаде по два кандидата, во Град Скопје има по две ливчиња, а во другите општини има по едно ливче, изјави Даштевски во Дневникот на ТВ Сител.

Општинските изборни комисии, рече, се известени од ДИК како да постапуваат ако се создаде редица – член од избирачкиот одбор треба да го спроведува редот и да ги пушта гласачите според тоа колку треба да бидат внатре односно онолку колку што има паравани.

Очекува и побрзо пребројување на ливчињата и пократко време за да се добијат резултатите од гласањето.

Ќе има 300 набљудувачи повеќе во однос на првиот круг односно околу 1500. Според Даштевски, тоа е затоа што избори сега ќе има во 44 општини така што луѓето се ослободиле од многу места од првиот круг и се пренасочени да набљудуваат во општините за кои се заинтересирани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.