Даштевски: Под знак прашалник е дали ќе се набават скенерите за отисоци од прст за локалните избори

Во гостувањето на Дневникот на Сител, претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски рече дека под знак прашалник е дали ќе се успее да се набават скенерите за читање на отисоци од прст за претстојните локални избори.

Тој појаснува дека ова е последниот месец во кој може да почне постапката за набавка на овие скенери. Доколку, тој процес не почне сега, многу е извесно дали претстојните локални избори ќе се спроведат со оваа опрема.

– Мора да има избори. Барани се средства за опремата уште од септември минатата година. Јас кога дојдов тоа го видов, одлуката на претседателот на ДИК со која бара од буџетот да се пронајдат средства, меѓутоа такви средства не се предвидени. После тоа, на првата седница на ДИК се донесе одлука да се побараат средства. За таа одлука чекавме две недели и денеска добивме одговор дека доколку ДИК е во можност да ги спроведе изборите, тогаш ќе се одобрат средства што за мене е нејасна одлука – рече Даштевски.

Според него, со користењето на овие скенери изборниот процес ќе биде многу посигурен. Претходните членови контактирале неколку производители, но засега не се знае каква опрема треба да се набави или да се изнајми.

– Се надевам дека ќе најдеме сили да го завршиме тој дел од обврската бидејќи нема друга алтернатива. Мора да се спроведува Законот така како што е напишан. Не можеме сега, утре може да се појави друг проблем и ние да кажеме, па немаме време ниту за ова. Тогаш се доведува во прашање кредибилноста на изборите, дали се тие легитимни или нелегитимни ако не се спроведени сите законски обврски – рече Даштевски.