Даштевски: СДСМ брза за избори зашто знаат дека клептомански ги потрошија парите од буџетот

Вчера на 02 Мај 2020 маските конечно паднаа. СДСМ на прес конференција агресивно најави дека сака брзи избори. Тоа го негираше скоро три недели, иако беше една од причините за противуставно свикување на парламентот, вели Александар Даштевски.

-Брзаат за избори затоа што знаат дека клептомански ги потрошија средствата од буџетот, за криминален поткуп на граѓаните за избори. Сега секој ден се поблиску до амбисот и знаат дека секој ден е потежок пад во него. Затоа, во сред пандемијата тие се подготвени да ризикуваат човечки животи само за да се спасат себе си. Знаат дека малата излезност поради стравот од зараза им оди во прилог. Исто така во интерес им е да нема кампања, да нема работа на терен поради пандемијата, бидејќи нема што да им кажат на граѓаните. Да има само електронска негативна кампања во која ќе плука по опозицијата и ќе дава лажни ветувања. Нема да мора да објаснува како ќе бидат покриени тие проекти, кога буџетот е празен, а економијата тоне во слободен пад.  Не може да се помири што во време на короната делеше компири за граѓаните, што всушност е изборен поткуп за добивање гласови на криминален начин односно, фалсификување на изборите. Конечно кога сме кај фалсификатот, намерата на Заев и СДСМ е да нема странски набљудувачи, да нема ОБСЕ-ОДИХР затоа што границите се затворени и со тоа да се направи досега најголемо местење на изборите во нивна корист. Ќе нема ни кој да даде оценка за регуларноста на изборниот процес, истакнува Даштевски.

Но сето тоа е многу проѕирно. Сите сме свесни дека треба да се ажурираат избирачките списоци, бидејќи во меѓувреме има неколку илјади граѓани кои го промениле местото на живеење или станале полнолетни, на нив не може да им се одземе правото на глас бидејќи е загарантирано со уставот, па ако сакате и основно човеково право, потенцираше тој.

-Треба да се договори начинот на водење на кампања во оваа состојба на пандемијата, бидејќи таа нема да запре како со нож исечена, треба да се договорат и другите изборни дејствија пред одржување на изборите. Сведоци сме дека сите западни држави ќе ги отворат границите пред крај на Јули, изјави тој.

Со оглед на тоа дека според добрите практики на Венецијанската комисија изборите не треба да се одржуваат од 15 Јули до 31 Август за време на летните одмори, идеален термин е втората половина на септември, кога најверојатно ќе може да дојде и мисијата на ОДИХР како најкомпетентна за регуларноста на изборниот процес. Тогаш ќе се случи најголемиот пад во историјата на таа партија, додава Даштевски.