Даштевски: Вчера е објавен нов тендер за терминали за отпечатоци од прсти за локалните избори

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски денеска изјави дека нема да има одлагање на локалните избори, по поништувањето на првиот тендер за набавка на терминали за отчитување на биометриски податоци на граѓаните. Повторениот тендер е објавен вчера, информираше тој во изјава за медиумите пред почетокот на седницата на ДИК.

-Објавен е вчера, тендерот ќе заврши до крајот на овој месец и нема да има никакво одлагање (на локалните избори) бидејќи рокот е флексибилен – втората половина на октомври. Ние ќе го известиме претседателот на Собранието кога ќе бидеме подготвени – изјави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК).

Првиот тендер е поништен од страна на Бирото за јавни набавки.

Во рамки на подготовките за локалните избори денеска ќе бидат избрани членови на Општинските изборни комисии. Сите останати постапки, како што наведе Даштевски, се во тек така што до втората половина на октомври се ќе биде подготвено за локалните избори.

На денешната седница на ДИК треба да бидат усвоени измени на одредени упатства и измени за јавни набавки и да биде извршен случаен избор на членови и нивни заменици на Општинските изборни единици за сите локални самоуправи и Градот Скопје.