Датумот дворот не го мете – сами мора да го изметеме

Датумот е главен во изминативе денови. Пред коперација, на работа, на афтерворк… секаде. Оптоварени сме со него до бандаш. Спиеме, стануваме, функционираме со датумот.

А, како да не е така. Сите гориме од желба да живееме во една нормална, правична, функционална и економски и финансиски стабилна земја. Да заработуваме повеќе за полесен и поудобен да ни е животот и да си овозможиме разни благодети со нашата работа и заработка. Едноставно за да му се радуваме на животот. Да патуваме, уживаме, тераме одмори и викенди, зимувања, концерти, кафански дружби со семејствата, пријателите, другарите…

Мечтаеме по тоа со децении. Но, дали датумот тоа ќе ни го овозможи? Секој еден поединец во Република Македонија, знае дека нема.

Искрено, лично мислам дека воопшто за нас обичните граѓани, кои си ги тераме секојдневните гајлиња, ништо нема да ни смени. Како што НАТО ништо не ни смени во животот. Сосила плативме сметка, енормно висока. Ама за џабе. А, излезе дека таа сметка за ЕУ и воопшто не важи.

Напредните западноевропски земји, по чиј секојдневен живот ние мечтаеме, не станале тоа што се бидејќи се дел од Европската унија. Има и такви кои никогаш не биле дел од Унијата, и такви кои не ни сакаат да бидат дел, а сепак нивните граѓани го живеат тој живот. Нашиот двор, Македонија, е преполн со плевел и џган. Никаков датум, ниту Сојуз, нема да го исчисти тој смет. Сами мора да си ги засукаме ракавите и да го средиме.

Да не се трескаме од земја. Па, на денот кога го очекувавме фамозниот датум, беше објавна снимка како заменик министер зема поткуп од 50 евра. За 3.000 денари во Македонија си купуеш доктор. Нит плата има мала човекот, ниту функција небитна. Ама до менталниот склоп е.

А, го сакаме животот на ЕУ. Е, не оди така. Земјите од европскиот блок одлично знаат каква шуплива и трула држава е Македонија. Распукана по сите рабови. Нивните амбасадори тука, секојдневно испраќаат извештаи до своите матични земји. Точно знаат се’. Информирани се за сите гадости. Да, и тие некогаш биле такви, во некое минато време, некои дури и во далечно минато пред стотици години. А, ние? Сега сме такви. Доцниме многу. И наместо да се подзамислиме зошто толку доцниме, што е тоа што не’ кочи и што точно треба да сториме за да дојдеме до тој нивни левел, голем дел од нас дозволува да биде замлатен, излажан и изманипулиран дека датумот ќе среди се’. После него само мед и млеко ќе тече. Та, дури и да го добиеме тој фамозен датум, што е мисија невозможна, ќе го добиеме со еден шлепер, од тие најголемите, услови. А, тоа значи исто како да не сме го добиле.

Датумот сам ќе дојде и ќе не моли, убеден сум. Но, тогаш кога политичарите кај нас ќе сфатат дека функциите кои ги добиле не се нивна животна шанса за лична благодет, корист и богатење.

Кон крајот на втората светска војна, Сојузничките сили, поточно САД и Велика Британија, извршиле една голема операција – бомбардирање на германскиот град Дрезден. Од една убавина од градби за само 48 часа, го претвориле во градежна депонија и рушевини со околу 25.000 цивилни жртви. Два дена горел градот, а небото над него било црно од околу 1.000 бомбардери и од чадот од огнот, а се ширела и неподнослива смрдеа на изгорено човечко месо.

Првиот впечаток бил дека операцијата била извршена успешно, брзо и прецизно. Но, за кусо време било обелоденето дека била целосно промашена. Не настрадала ниту една легитимна воена цел на нацистите, туку само цивилни. На крајот од војната кога тогашниот британски премиер, Винстон Черчил, на голема прослава во Лондон одржал говор и ги поздравил сите единици на армијата и нивните придонеси во војната, не ја ни спомнал, односно ја премолчел единицата „бомбардерска команда“, која заедно со американската воена авијација, го срамнила Дрезден со земја. По извесно време, кога го прашале зошто го сторил тоа, Черчил рекол дека не сака историјата да го запамети како лидер кој поддржал таков ужас.

Човекот што ја командувал целата операција за бомбардирање на Дрезден, маршалот Артур Харис, чиј надимак бил „Бомбардер“, а подоцна „Касапинот Бомбардер“, бил целосно изолиран од општествениот живот. Никој не сакал да биде виден со него.

Е кога нашите политичари ќе сфатат дека има моменти кога ќе треба да одлучат дека историјата не треба да ги запамети по одредени лоши потези, и дека општественото добро е далеку поважно од нивната лична корист, и ќе покажат трошка доблест, етички и морални вредности, е тогаш датумот сам ќе дојде, а ние ќе размислиме што тој подобро ќе ни донесе во нашите секојдневни животи и на референдум ќе одлучиме дали сакаме да се дружиме со него.

А, ние сега имаме политичари удавени во корупција, непотизам, криминал, кои со р’ѓосани синџири и ченгели го оковале судскиот систем, и кои со полициски терор „демократски“ ја менаџираат државата, распродавајќи го бесмилосно се’ она што други со векови пред нив, мачно го чувале. Е нив, не ги интересира примерот со Черчил и ќе му најдат илјадници забелешки. Е, затоа датумот го нема.

Автор: Дејан Николовски