Де Брујне ќе паузира два до три месеца

Белгискиот репрезентативен фудбалер од средината на теренот кој настапува за англиски Манчестер Сити, Кевин Де Брујне, ќе мора да паузира најмалку два а можеби и три месеца, по повредата на лигаментите на десното колено на тренингот во средата, пренесуваат ден потоа англиските медиуми.

Според весниците, 27-годишниот играч на тренингот заработил лезија на лигаментите, што е слична повреда на онаа од јануари 2016 година, поради којашто не настапуваше два месеца.

„Обемот на проблемот уште не е целосно познат и навремено ќе ве известиме за состојбата на Кевин Де Брујне“, се наведува на официјалната страница на Манчестер Сити.

Де Брујне, кој со Белгија го освои третото место на Светското првенство во Русија, дојде во Сити во 2015 година. Минатата сезона со „Граѓаните“ го освои првенството на Англија, а во успехот учествуваше со осум погодоци и 16 асистенции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.