Де Јонг оди во ПСЖ за 75 милиони евра

Францускиот фудбалски првак Пари Сен Жермен го договорил трансферот на играчот од средниот ред на холандски Ајакс, 21-годишниот Френки де Јонг, за 75 милиони евра, пренесуваат во петокот холандските медиуми.

Во лов по де Јонг беше и англискиот шампион Манчестер Сити, а претходно медиумите од Островот пишуваа дека младиот играч на Ајакс и неговиот клупски соиграч 19-годишниот Матијс де Лигт ги посакувал и минхенски Баерн, кој понудил околу 130 милиони евра за двајцата.

Холандските медиуми пишуваат дека де Јонг практично го потпишал договорот со Сити, но „Граѓаните“ трансферот го одложиле за до крајот на сезоната, што го искористиле париските „Светци“. Од ПСЖ биле побрзи и поконкретни, а наводно пресудил самиот играч кој сакал да ја продолжи кариерата на „Паркот на принцовите“.

Директорот на Ајакс, Марк Овермарс, потврдил дека се сретнал со претставниците на парискиот клуб, меѓутоа не сакал да потврди дека е постигнат договор.

Пред неколку дена, исто така, младата ѕвезда на ПСЖ, Килиан Мбапе, изјави дека токму Френки де Јонг е вистинското засилување за клубот, очигледно импресиониран од неговите игри за холандската репрезентација во дуелите со Франција во Лигата на нациите.

Доколку овој трансфер навистина и биде реализиран, де Јонг би станал најскапиот фудбалер во историјата на холандскиот фудбал. Засега рекордниот трансфер го држи колумбискиот бек Давинсон Санчез кој минатата 2017 година од Ајакс се пресели во Тотенхем за 42 милиони евра. Најголемиот трансфер на холандски играч, пак, е оној од 34 милиони евра, колку што Манчестер Јунајтед во 2015 година му плати на ПСВ Ајндховен за Мемфис Депаи.