Дебакл на странските инвестиции, во трите месеци тие се за осум пати пониски од лани

Катастрофални се резултатите со странските директни инвестиции (СДИ) во земјава. Според статистичките податоци на Народната банка, НБРМ, во првите три месеци од годинава во државава влегле вкупно 29.69 милиони евра СДИ. Или, во првиот месец се евидентирани 30.92 милиони евра, во февруари биле само 5 милиони евра, а во март инвестициите отидоа во минус, кога се регистрирани -6.23 милиони евра директни инвестиции од странство. Вкупната сума од 29.69 милиони евра остварена за трите месеци од годинава е пониска за речиси осум пати од онаа во истиот период минатата година, кога беа евидентирани 235.15 милиони денари СДИ.

Како ќе заврши оваа година на планот на странските инвестиции е неизвесно, иако минатата година, Владата се фалеше со рекордното ниво на СДИ од 624.49 милиони евра што според Владата, бешенајдобрата инвестициска година досега.

Според економските познавачи, ланските резултати за висината на СДИ се нереални, затоа што во најголем дел биле последица на реинвестираната добивка на компаниите кои веќе работат во индустриските зони, и тоа вештачки го дигнал процентот на инвестициите.

И од стопанските комори од земјава во неколку наврати посочија дека, генерално, бројките за висината на СДСИ кои се презентираа во јавноста, се практично реинвестиции на компаниите од претходната година, на фирмите кои веќе во државата се регистрирани како странски инвеститори, некои во зоните, некои надвор од нив, во општините во Градот и низ земјава.

Од почетокот на мандатот на оваа Влада околу 15 компании ја започнаа инвестицијата во индустриските зони, со изградба на фабриките, но не и со производството и со остварување на добивки.

Така, меѓу нив, во ТИРЗ Скопје2 тече изградба на објектите на автомобилските компании „Дура Аутомотив“, „Кагатај кабло“, „Мурат Тиџарет“, „Саген“, „Кеслер“…а треба да започнат со градба „Балканлар Пластик“ , „Малхотра“ и „Герешајмер“ која потпиша договор за закуп на парцела во оваа зона во мај годинава. Во компаниите кои работат во зоните моментално има околу 13.000 вработени, а бројот на дополнителните вработувања во новите фирми во ТИРЗ и надвор од ТИРЗ, се најавува дека ќе биде околу 5.000, согласно прикажаните бизнис планови.

Наспроти состојбата со СДИ и најавите на Владата дека оваа година ќе биде година на економијата, лоша е состојбата и со капиталните инвестиции. Во првата половина од годинава се реализирани само 20 отсто од капиталните инвестиции предвидени за целата година, односно инвестирани се само 86 милиони евра од предвидените 422 милиони евра, покажаа податоците на Министерството за финансии. Лани, пак, беа реализирани само 16,65 отсто од капиталните инвестиции, што беше најлоша реализацијата во изминатата деценија. Ниската реализација на капиталните инвестиции, според економистите, се должи на лошото планирање, како и на нивното кратење со ребаланс на буџетот.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.