Децата од Кавадарци, Росоман и Градско тренираат и растат како вардарово семејство

Во Вардар Јуниор лигата ќе сретнете многу вешти, амбициозни, талентирани и одлучни деца кои работат и се жртвуваат за да станат ракометари. Ќе сретнете и момчиња и девојчиња кои го сакаат спортот, но на кои им недостига желбата да се борат и докажуваат за она што го сакаат. Но, кога ќе дојде ред на ново коло натпревари, сите деца се сплотуваат да го дадат најдоброто од себе, за да ја однесат екипата поблиску до финалните натпревари.

Ќе сретнете и екипи составени од деца кои живеат во различни градови и немаат можност заедно да тренираат, но до крајот на натпреварот играат како заедно да живеат. Но, има и екипи каде еднаш неделно тренерите ги собираат децата од два града за заедно да тренираат. Како што е случај со нашите екипи од Вардар ДБ, во кои играат деца од Кавадарци, Росоман, а во оваа ракометна школа тренираат и деца од Градско.

Ракометната школа Вардар ДБ се формираше по основањето на Ракометната академија Вардар со цел да го донесе нашиот бренд и можностите за ракометна иднина поблиску до децата од Кавадарци, Росоман и Градско.

Момчињата и девојките од Вардар ДБ се натпреваруваат во генерацијата 2004/05, а оваа сезона за првпат учествуваат на натпреварите од Вардар Јуниор лигата. Митре, Блаже, Ивана и Милена велат дека се запознале преку ракометната школа, и создале другарства кои сега преку Јуниор лигата само се зацврстуваат.

Митре Бошевски ракомет тренира две години, а сезонава, 2016/2017 година, за првпат се вклучува во лигата. Митре е од Росоман, а ракометен идол му е Игор Карачиќ.

1vardar

Митре Бошевски

„Ракометот ме привлече зашто е добар спорт, интересен е, а интересни беа и тренинзите кога првпат отидов на тренинг. Тренери ми се Борче Ѓорѓиев, Александар Темелковски и Кире Петров, кои многу работат со нас и успеаа од деца кои не живеат во ист град и кои не се познавале претходно да направат добра екипа. На почетокот ни беше чудно на тренинг, не се познававме, но со време се вклопивме и станавме тим. Лани игравме и на зимскиот турнир, но поинтересно ми е во лигата. На натпреварите многу се учи, и кога ќе победиме, но и од поразот може многу да се научи за да се стане подобар тим”, вели Митре и дополнува дека најголем предизвик за неговата екипа е Бисинов Вардар.

Тренинзите за овие екипи се одржуваат двапати неделно. Првиот тренинг во неделата се одржува во местото каде живеат – во Кавадарци или во Росоман. А, вториот тренинг се одржува во Кавадарци, а за децата од Росоман школата организира превоз секоја недела за тренингот.

Блаже Трпевски ракометот го засакал преку малите екрани, а вели дека за добар ракометар многу е важно напорно да тренира, да ги почитува соиграчите и да не се откажува до крајот на натпреварот.

2vardar

Блаже Трпевски

„Тренирам две години и многу ми е интересно. Помал често гледав тв преноси од натпревари и решив да почнам да тренирам. Годинава се вклучив и во лигата и сѐ ми се допаѓа. Одлична организација и натпреварите почнуваат навреме, превозот е добро организиран, салите се убави, а досега сме играле во салите во Кавадарци, во Велес и во Скопје, каде има помодерни сали од другите градови. Имаме силни противници и се играат убави натпревари за да видиш до каде си напреднал со тренинзите. Јас сум една година постар од Митре и со него се запознавме на тренинзите, но сега се дружиме и за време на школскиот одмор”, вели Блаже.

Додека момчињата се натпреваруваа, од трибините се слушаа извици и навивање за екипата. Тоа беа девојките од Вардар ДБ кои сѐ уште чекаа да дојде на ред нивниот натпревар. Ивана Бошкова од Кавадарци и Милена Тасевска од Росоман велат дека навивањето е традиција, а и момчињата навиваат за нив додека девојките се натпреваруваат на паркетот.

3vardar

Ивана Бошкова

„Си даваме поддршка, и се дружиме. Заедно патуваме на натпреварите, заедно тренираме и се запознавме. Склопивме силни другарства, научивме да си веруваме и да си помагаме во акции кога се натпреваруваме. Јас почнав да тренирам лани во септември, и најмногу ми се допаѓа тоа што можам и да се натпреварувам. Забавно ни е, со тимот сме блиски и задоволна сум од моето учество во лигата”, вели Ивана.

Со нејзината соиграчка Милена Тасевска се запознале на првиот заеднички тренинг на децата од Росоман и од Кавадарци.

4vardar

Милена Тасевска

„Ние не се знаевме пред ракометот, но сега се дружиме. Понекогаш и кога нема тренинг, се собираме за да играме ракомет. Ракометот ни даде можност да се здружиме, а преку Вардар Јуниор лигата го зацврстивме тоа пријателство. Јас тренирам две години, а за ракометната школа дознав преку нивната Интернет страница и кога објавија уписи се пријавив. Годинава се вклучив и во лигата зашто е одлична можност да ја развиеме играта и да го примениме на терен тоа што го тренираме. Има силни противници, а најголем предизвик ни е екипата на Кастратовиќ Вардар”, вели Милена.

Со децата од Градско, кои тренираат во Вардар ДБ се дружевме на натпреварот од Лига на шампиони во женска категорија меѓу Вардар и француски Мец.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.