Дел од екипажот го преживеал пожарот на руската подморница

Неколку членови на екипажот на руското подводно пловило за големи длабочини во коешто во понеделникот ноќта избувнал пожар во кој загинаа 14 морнари, ја преживеале несреќата, објави во средата руската армија.

„Загинаа 14 членови на екипажот. Останатите се спасени“, изјавил министерот за одбрана на Руската Федерација, Сергеј Шојгу, пренесе приватната новинска агенција Интерфакс.

Во пожарот во понеделникот ноќта на научната подморница за длабоки нурнувања на руските поморски сили, според сооопштението на воената морнарица, која се занимавала со истражување на океанското дно и морските екосистеми, загинаа 14 морнари, од кои десет офицери. Попладнето во средата руската воена мирнарица го објави списокот на загинатите

Рускиот претседател Владимир Путин кој се сретна со Сергеј Шојгу, му наложил на министерот за одбрана да замине во Североморск, военото пристаниште на рускиот Арктик каде што подморницата допловила по несреќата, и „да ги утврди причините за оваа трагедија“. Ова пристаниште воено е седиште на руската Северна флота. Шојгу подоцна во средата ја посетил хаварисаната подморница, и наложил во најкус рок пловилото да биде оспособено.

Несреќата се случила во руските територијални води во Баренцовото море, ги потврдил Шојгу агенциските информации од понеделникот вечерта. Кремљ претходно во средата објави дека поединостите за пожарот на подморницата „нема да бидат објавени“, појаснувајќи дека „станува збор за државна тајна“, откако им оддаде почит на настраданите со чијашто саможртва бил изгаснат пожарот во подморницата.

„Оваа информација не може во целост да биде објавена. Таа спаѓа во класификацијата државна тајна. Рускиот Генералштаб ја поседува комплетната информација“, изјавил за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оценувајќи дека станува збор за „сосема нормална“ одлука.

Министерството за одбрана потврди дека морнарите настрадале од отровниот чад, како и дека екипажот успеал да го изгасне пожарот. Но министерството сѐ уште не го објавува името на подморницата, нејзината класа, ниту поединости за екипажот, само дека седум од жртвите биле капетани од прва класа, а тројца капетани од втора класа, како и дека станувало збор за „уникатни воени експери, професионалци од висока класа, кои спроведуваа важни истражувања во проучувањето на хидросферата на Земјата“.

Руската приватна новинска агенција РБЦ, објави дека несреќата наводно се случила на нуклеарната подморница „Лошарик“. Порталот Газета.ру, пак, известува дека станува збор за подморница од типот „АС-31“. Весникот, повикувајќи се на неименуван извор, објави дека постои сомневање дека пожарот бил предизвикан од краток спој.

Папата Франциск, кој во четврток во Ватикан треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, упати изрази на сочувство поради несреќата, соопшти портпаролот на Светата столица.