Дел од персоналот на лабораторијата во Вухан бил хоспитализиран во 2019-та?!

Тројца научници од кинескиот Институт за вирологија во Вухан (WIV) биле хоспитализирани во 2019 година, неколку месеци пред Кина да ја соопшти информацијата за епидемијата на новиот коронавирус, објави во неделата весникот The Wall Street Journal повикувајќи се на досега необјавен извештај на американското разузнавање.

Весникот пишува дека извештајот, кој дава нов увид во поединости за интензитетот на симптомите, за бројот на хоспитализираните лаборанти и времето кога заболеле, може да отвори нова расправа за потеклото на пандемијата на коронавирусот, а би можело да влијае и на проширувањето на истрагата за тоа дали коронавирусот „побегнал“ од лабораторијата.

Извештајот е објавен во пресрет на состанокот на советодавното тело на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) на кој ќе се дискутира за следната фаза од истрагата за потеклото на новиот коронавирус SARS-CoV-2 и коронавирусната болест Covid-19 која вирусот ја предизвикува.

Портпаролката на Советот за национална безбедност во вторникот за Reuters не сакала да го коментира извештајот објавен во американскиот весник, но рекла дека администрацијата на претседателот Џо Бајден сѐ уште инсистира на „сериозните прашања за најраните денови на пандемијата, вклучително и нејзиното потекло коешто се поврзува со Народна Република Кина“.

Додала и дека американската влада соработува со СЗО и другите држави членки, како и дека ги поддржува стручните процени за потеклото на пандемијата „кои не се исполитизирани“.

„Нема да даваме изјви кои ја прејудицираа актуелната студија на СЗО за изворот на SARS-CoV-2, но јасно е дека меѓународните стручњаци би требало темелно да ја проценат техничката веродостојност на теоријата“, одговорила во вторникот портпаролката.

Во написот на The Wall Street Journal се наведува дека сегашни и поранешни функционери кои се запознаети со податоците на разузнавачките агенции за лабораториските истражувања, изнеле низа ставови за доказите од извештајот, а еден неименуван извор истакнал дека треба да се спроведе „натамошна истрага и да се изнесат дополнителни потврди“ за досегашните сознанија.

Наводите во написот за сериозно заболување во ноември 2019 година на тројца вработени во Институтот за вирологија во Вухан се невистините, реагираше во понеделникот портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Чао Лиџијан. Тој потсети дека на 23-ти март Институтот објави декумент во кој е наведено дека оваа институција не се соочила со Covid-19, сѐ до 30-ти декември 2019 година.

„Во извештајот се наведува дека заклучно со 23-ти март 2021 гоина, ниту еден вработен во Институтот не бил заразен со коронавирусната инфекција“, рече портпаролот на кинеската дипломатија, пренесе агенцијата Xinhua.

Минатат седмица група републиканци од Комитетот за разузнавање на Претставнилиот дом на САД објавија за постоење „огромни докази“ за тоа дека епидемијата можеби се должи на „бегање“ на вирусот од Институтот за вирологија во Вухан. Извештајот објавен на веб-страницата на Комитетот укажува на појава на симптоми карактеристични за Covid-19 уште есента 2019 година кај неколку истражувачи во лабораторијата, како и присуство на кинеската војска во Институтот, пренесе телевизијата CNN.

САД, Норвешка, Канада, Велика Британија и некои други земји во март годинава изразија загриженост од студијата за потеклото на Covid-19 организирана под покровителство на СЗО и повикаа на дополнителна истрага и овозможување целосен пристап до сите релевантни податоци за луѓето, животните и другите информации за рабата фаза од избувнувањето на епидемијата во Кина.

Во извештајот на Стејт департментот од времето на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, кој беше објавен во јануари годинава, се наведува дека кинеските истражувачи се разболеле есента 2019 година, но во него не беше наведено дека биле хоспитализирани.

Во извештајот кој официјално Кина го поднесе во СЗО, пак, се тврди дека првиот пациент со симптоми подоцна дефинирани како симптоми за Covid-19 е регистриран на 8-ми екември 2019 година во Вухан.

Меѓутоа, американското разузнавање не располага со веродостојни податоци за тоа поради што се хоспитализирани кинеските научници. „На крајот ништо дефинитивно не може да се заклучи“, наведуваат американски разузнавачки извор.

„Кина одби да им даде податоци за рани случаи на Covid-19 на челновите на тимот на СЗО кои го истражуваат потеклото на пандемијата“, рекол неименуван член на истражувачкито тим. За тоа во февраури годинава пишуваше Reuters, коментирајќи дека тоа би можело да ги компликува напорите да се дозне на кој начин пандемијата започнала.