Дел од раководствата во затворите се однесувале во духот на Луј 14

Има голема разлика од еден до друг затвор. Има затвори кои се од латино-американски тип, во кои само исклучително ментална силна личност би можела да издржи, изјави денеска директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов во Штип, по откривањето на споменикот на Тодор Александров.

Одговарајќи на новинарско прашање каква е состојбата во македонските затвори по извршениот увид во нив, Пандов изјави дека некои затвори функционирале нормално, а некои како „приватни затвори“.

-А за жал браќава од 27 април, некои од нив и по две години ги држеа во притворот во Шутка. Има затвори кои, да не бидам погрешно разбран, буквално се европски затвори, коишто изгледаат супер, нормално и коишто функционираат супер, нормално. Она што јас како забелешка сум го нашол не во сите, но, во дел од раководствата во затворите се однесувале во духот на Луј 14. Тие како директори се заживувале дека се сопственици, дека се тоа приватни нивни затвори и така ги третирале затворениците, вели Пандов.

Забележува дека имало осуденици, кои затворите ги воделе дека се во нив, а не престојувале, но, како што вели Пандов, има и осуденици коишто го виделе најлошото низ затворите. Тој истакна дека ова почнува да се менува и бара не мал дел на инвестиции во затворите.

-Во затворскиот систем во Македонија постои затвор „Идризово“, каде што има 1.200 затвореници, а сите останати 11 затвори имаат 1.200 затвореници. За жал, во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, во минатото до 2016, 2017 година половина е направено, односно отвореното и полуотвореното одделение, таму се изградени и тие се налик, супер европски затвори. Но, она што е затворениот дел, амбуланта и притвор, а тоа не е мал дел од тој затвор, правиме сѐ сега, за да ги направиме и веќе догодина да почне да се гради. Јас се надевам дека до крајот на мандатот, овој четиригодишен мандат на ВМРО-ДПМНЕ дека ние „Идризово“ ќе го имаме како супер модерен затвор, рече Пандов.

Прашан за оценка на условите во штипскиот Затвор, Пандов со одговор дека е некаде на средина.

-Тоа значи дека треба да се инвестира во штипскиот затвор. Јас сум супер задоволен од новото раководство, коешто сега е поставено таму и од директорот и од заменик-директорот. Тоа се двајца луѓе коешто се супер амбициозни и сакаат да ги променат работите во затворот. Јас како директор на Управата за извршување на санкции им давам максимална поддршка и ќе ја имаат и во идно време, изјави Пандов.

Тој рече и дека околу 130 осуденици се водат како бегалци, но не сториле класично бегство, туку добиле викенд отсуство кое им следува законски, за потоа да не се вратат за да ја продолжат затворската казна. Во однос на продолжениот прекин во издржување на казната на дел од осудените за 27 април, рече дека како директор единствено нешто што може да направи е да даде прекин од 30 дена доколку осуденикот донесе медицинска докуументација во која е прикажано дека има некакво акутно заболвање и дека треба веднаш да се лекува.

Пандов дал „амин“ за времен прекин на затворските казни на осуденици од „27 април“, меѓу нив и Митко Чавков

„Меѓутоа не мал дел од нив, еве конкретниот пример, поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, јас какошто сум информиран има добиено сега прекин од три месеца. Меѓутоа, тоа е од судот, кога имаат документација, ако им следуваат прекини веројатно судовите ќе доделуваат и доделуваат во моментов“, заклучи Пандов.