Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ се сретна со министерот на Северна Рајна – Вестфалија Стефан Холтхоф Пфортнер

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, со потпретседателот Владо Мисајловски и меѓународниот секретар Тимчо Муцунски се сретнаа со министер за сојузни, европски и меѓународни работи на Северна Рајна – Вестфалија Стефан Холтхоф Пфортнер.

На средбата се дискутиралоза актуелната политичка и економска состојба, како и евроатланските интеграции на Македонија.

„Од страна на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека Република Македонија се наоѓа во исклучително тешка состојба поради катастрофалното владеење од страна на актуелната влада на СДСМ и Зоран Заев, укажувајќи на големиот број на скандали и афери кои се случија изминатиот период, како и на лошата економска политика на власта“, се вели во партиското соопштение, при што се додава дека генералниот секретар Јанушев посочил оти потребно е спроведување на итни реформи кои што ќе бидат клучни за добивање на датум за почеток на преговори со Европската Унија, бидејќи стратешка цел и приоритет на ВМРО-ДПМНЕ е Република Македонија да биде полноправна членка на европското семејство.

Од друга страна, потпретседателот Мисајловски истакнал дека Република Македонија мора да стане правна држава во која ќе има владеење на правото и дека тоа е возможно само доколку институциите целосно ги расчистат криминалните афери и скандали во кои беа вклучени високи претставници на власта на СДСМ.

Соговорниците се согласиле дека во интерес на Македонија, како и на граѓаните е продлабочување на заедничката економската и политичка соработка со Сојузна Република Германија.