Делегација на Гуаидо во официјална посета на Рим и Ватикан

82

Делегација, која го претставува лидерот на опозицијата на Венецуела, Хуан Гуаидо денеска се сретна со претставници на Ватикан, објави Асошиејтед прес. Состанокот се одржа во момент кога социјалистичкиот претседател на Венецуела, Николас Мадуро го повика Ватикан да се вмеша во политичката криза во земјата.

Ватикан не соопшти кој учествувал на средбата, но во делегацијата бил Едгар Пења Пареа, роден во Венецуела, воедно заменик државен секретар на Ватикан. Главниот секретар Пјетро Паролин важи за експерт за Венецуела, поради периодот кој го помина во дирекцијата на Ватикан во Каракас.

За време на средбата, претставниците од ватиканскиот Државен секретаријат нагласиле дека Папата Франциск е свесен за страдањата на Венецуелците. Ватиканските претставници изразиле сериозна загриженост од ситуацијата во Венецуела и истакнале дека е потребно да се изнајде фер и мирно решение со кое ќе се надмине кризата, при што ќе се почитуваат човековите права и ќе се избегне крвопролевањето.

Делегацијата која ги претставува ставовите на Гуадо оствари средба и со италијанските власти. Средбата се остварила во италијанското Министерство за надворешни работи.

Делегацијата ја сочинувале претседателот на Комисијата за надворешни работи во венецуелското Национално собрание, Франсиско Сукре, поранешниот градоначалник на Каракас, Антонио Ледесма и Родриго Дијаманти, претставник на Хуан Гуаидо по прашањето за обезбедување итна помош од Европа, се вели во соопштението на италијанското Министерство за надворешни работи.

Во меѓувреме, италијанскиот министер за внатрешни работи и вицепремиер, Матео Салвини, остварил телефонски разговор со Гуаидо.

Салвини потенцирал дека треба да се почитува Уставот и што поскоро да се одржат  слободни и фер избори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.