„Делфинови солзи во ветрот- големиот бран“ од Пејовски премиерно со Филхармонија

„Филхармонија на кирилица“ е насловот на претстојниот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи во четврток во Македонската опера и балет во 20 часот.

Од МОБ соопштија дека под диригентство на маестро Борјан Цанев, оркестарот премиерно ќе го изведе најновото симфониско дело на еден од најплодните македонски композитори од поновата генерација, Александар Пејовски – „Делфинови солзи во ветрот-големиот бран“. Оваа композиција на Пејовски победи на првиот конкурс за творби од областа на класична музика на Министерството за култура за 2014 година.

На концертот, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, како солисти ќе се претстават четворица истакнати македонски уметници од различни генерации – Божидар Пејиќ, виолончело, Михајло Куфојанакис, виолина, Нинослав Димов, саксофон и Марија Ѓошевска, пијано, кои ќе изведат дела од Чајковски, Мијо и Шуман. Филхармонијата ќе изведе уште едно македонско симфониско дело – „Психофонија 1“ од влијателниот композитор Ристо Аврамовски.

„Филхармонија на кирилица“ е своевидна увертира кон централното одбележување на големиот јубилеј – 70 години Македонска филхармонија, кој ќе се случи на 18 декември. Од МОБ наведуваат дека циклусот „Кирилица“ ќе продолжи и во 2015-та година, со што се дава посебен акцент на афирмацијата на македонското музичко творештво и исполнителство.