Делницата од пругата кон Бугарија, минува низ густо населено место во Куманово, преземени мерки за заштита

Претставници на Општина Куманово имале средби и разговори со претставници на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура, Железници на Република Македонија за трасата која поминува низ населеното место во Куманово, информираше градоначалникот Максим Димитриевски.

Една од трасите поминува низ населбата Бавчи, од над маркет сѐ до Спомен костурницата. Таму општината предвиде изградба на улица, но поради стратешкиот проект ќе почека со реализација. Според Димитриевски, за тој дел од градот побарана е заштита на трасата, заради безбедност на жителите, изградба на бетонски бариери. Изведувачот има обврска да врши контролиран дотур на материјалот, да користи соодветни траси и според градоначалникот да плати надоместок на општината.

– Имавме состаноци. Една од улиците која тргнува од Туш и завршува кај Спомен костурницата, во неколку делови не е целосно реализирана, токму на барање на Македонски железници, бидејќи сметаат дека тука треба да изведат одредени атмосферски пропусти и сметаат дека таа патна траса, којашто е трасирана пред повеќе од 30 години, всушност навлегува во заштитниот појас на железницата. Го разрешивме и надминавме тој проблем, изјави Димитриевски.

Од општината разговарале и со изведувувачот, општината издала сообраќајна согласност и побарала побрза интервенција за да не се прави застој во сообрќајот. Во моментов сообраќајот од населбата Ѓорче Петров кон центарот се одвива наизменично по една лента регулирана со семафори.

– Да не ни се повтори тоа што беше со претходниот изведувач кој ги почна работите и го остави градилиштето каде што општина Куманово сама на сопствена сметка интервенираше и го санираше и затоа ја имаме тужено македонска железница, го имаме добиено тој спор, должни се да ни ги обештетат тие средства, дали тоа ќе го направат до денеска го немаат направено. Факт е дека тоа ЈП стопанисува со многу сериозна финансиска состојба, имаме разбирање за тоа, максимално сме кооперативни. Се работи за сериозен проект од национален интерес, вели Димитриевски.

На прес – конфренецијата кумановскиот градоначаник кажа дека е оштетена и патната инфраструктура во село Клечовце поради движење на тешки товарни возила.

-Општина Куманово мора тоа да изнајде начин да дојде до субвенции од страна на железници и тие патни траси да ги реконструира на нивна сметка, вели Димитриевски.

И граѓаните се задоволни од динамиката на реализација. Сепак, велат дека има мал простор за движење на пешаци токму под мостот, но очекуваат овој дел наскоро да се заврши.

Претходно за МИА од Јавно претпријатие за железничка инфраструктура, Железници на Република Северна Македонија укажаа дека дел од активностите се спроведуваат и во населени места, како што е населбата Перо Чичо, каде продолжи изградбата на нов надвозник што ќе биде поставен паралелно со железничкиот подвозник. Од претпријатието наведуваат дека ќе се изгради и звучна бариера помеѓу пругата и куќите во непосредна близина, со што појаснуваат ќе се подобри квалитетот на животот на жителите.
– Населението е задоволно, бидејќи овој нов пат е во непосредна близина на патеката кои тие секојдневно ја користат и ќе овозможи безбедна и брза комуникација овој дел на населбата со останатиот дел од градот, велат од претпријатието.

И за претпријатието пречка е „дивата“ депонија на трасата. Таму се планира чистење во соработка со општината и ЈП „Чистота и зеленило“ по што ќе постави ограда околу пругата и ќе се оформи градилиште на кое невработените лица нема да имаат пристап.