Делото на свети Климент Охридски е вградено во секоја буква што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати честитка до граѓаните на Република Македонија по повод големиот христијански празник – Свeти Климент Охридски.

„Денес го чествуваме големиот просветител Св. Климент Охридски, најголемиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј. Како дел од основоположниците на словенската писменост и литература, светите браќа Климент и Наум имаат огромен придонес кон светската наука и култура.

Создавањето на кирилското писмо кое просветли многу народи е дел од плодовите на неговата работа, дело кое за век и векови ќе остане врежано во светското културно наследство. Неговото дело е вградено во секоја буква која што ќе ја напишеме и во секој збор што ќе го изговориме.

Св. Климент е и основоположник на Охридската книжевна школа од која произлегоа голем број на учители ширум словенскиот свет.

Македонскиот народ треба да биде особено горд што на нашето тло отпочна големиот просветителски бран кој ќе остане запишан со светли букви во светската историја.

Денешниот голем христијански празник посветен на Свети Климент Охридски нека биде водилка за уште поголеми достигнувања и промовирање на христијанските вредности за заедничко почитување и помагање.

Вечен нека е неговиот спомен, а неговите дела нека се вечна инспирација за секој еден од нас.

Честит и вековит нека ни е големиот празник Св. Климент Охридски!“, пишува во честитката на Мицкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.