Делови од БиХ и натаму завеани и без струја

Делови од Босна и Херцеговина и во четвртокот се отсечени од светот и без струја поради снежните наноси, а голем број патишта во земјата сѐ уште се непроодни за целиот сообраќај, известија службите задолжени за итни интервенции.

Најтешка е состојбата во северозападните и северните делови од земјата, а особено се погодени општините како Дрвар, Кнежево, Лопар и Угљевиќ.

„Селата се завеани и блокирани“, изјави градоначалникот на Кнежево, Горан Боројевиќ за локалните медиуми, предупредувајќи дека верува дека има ранливи жители со кои нема комуникација.

Градовите и населбите во областа Шемберија и Мајевица трет ден се без струја откако снегот го оштети далноводот во тоа подрачје и екипите за поправка не можат да стигнат до столбовите поради обилниот снег.

Автомото клубот на Босна и Херцеговина (БИХАМК) соопшти дека поради снег целосно се затворени патиштата од Бихаќ кон Босански Петровац и Кључ, како и од Дрвар кон Босански Петровац и Гламоч.

Забранет е целокупниот сообраќај на возила и на релации Гламоч-Млиниште и Купес-Ново Село.

Прекината е и трасата од Бања Лука до Кнежево, како и од Котор Варош до Теслиќ.

Сообраќајот на камиони е забранет на низа други патни правци, особено на оние што минуваат низ планинските превои.

Слаб снег во четврток падна во делови на Босна и Херцеговина, а состојбата се очекува да се подобри од петок, кога се прогнозира дека врнежите ќе престанат и ќе се расчисти времето.