Делта сојот најмногу ги напаѓа младите, а само 26 отсто се вакцинирани со една доза

И покрај тоа што младите се најзагрозени од делта сојот на коронавирусот во земјава слаба е вакцинацијата на оваа категорија граѓани.

Според Министерството за здравство, само 26 отсто од младите на возраст од 18 до 39 години се вакцинирани со барем една доза. За разлика од нив кај постарата популација процентите се повисоки. Дури 51 отсто од населението над 40 години има проимено барем една доза вакцина.

Од Министерството за здравство апелираат младите да се вакцинираат за да го заштитат сопственото и здравјето на другите.

Истражувањата во светски рамки и Европа покажуваат дека невакцинираните се изложени на поголем ризик како од заразување, така и од развивање на тешки форми на болеста.

Во змејава досега се вакцинирани вкупно 703.557 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 7.625 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11.883 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.220.375 дози вакцини, а ревакцинирани се 516.797 граѓани.