Демагошка средба на министерот Шаќири и Агим Рушити

Деновиве по македонските портали од Министерството за образование и наука (МОН) помпезно ја објавија средбата на министерот за образование Јетон Шаќири и директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование Агим Рушити (види: МИА на 17.02.2022г). На средбата било говорено: „како да се зголеми бројот на факултети со меѓународна акредитација, да се поттикне на реализација на квалитетни студиски програми и да се промовираат мастер и докторски студии, студиски истражувања како меѓународно привлечни програми. Како и за подигнувањето на конкурентноста и со тоа да напредуваат на светските ранг листи, што ќе значи и привлекување поголем број не само домашни, туку и странски студенти… Па, истакнал министерот Шаќири дека Агенцијата е релативно нова установа, за што ќе ја има подршката од МОН…“.

Господин министер, Агенцијата за квалитет на високото образование е согласно ЗВО е донесен на 08.05.2018 година, а и претходно работеле други по предходно донесени ЗВО. Но министер, вашата средба со директорот на Агенцијата Агим Рушити е демагогија. Средбата е како што вели народот гола вода. Само парадирање. Наместо да има одговорност како работи Агенцијата, кој е соучесник на образовниот криминал и да има драстични промени во таа Агенција, вие зборувате за ланскиот снег. Но, ајде да проговорам за тебе министер Шаќири и за овој од Агенцијата, Рушити. За тебе министре (Јетон Шаќири) на порталот на МОН и биографијата (нејасна и контрадикторна) стои: „…дека додипломски студии завршил на УТ-Тетово во 2008 година на Економскиот факултет-Тетово. Потоа во 2010 година, магистерски студии завршил на Економскиот факултет на Меѓународниот универзитет Струга (МУС сопственост на Рамиз Мерко) и докторски студии на Економскиот факултет при Универзитетот во Тирана – Албанија (не стои прецизно согласно нострификацијата кога сте докторирале и од кога сте именувани во наставно-научно звање доцент), и од 29 Ноември 2016 година, како доцент е наставник по група предмети од областа на економските науки на Факултетот за економски науки… Со оглед на фактот што ми стигнуваа многу дописи, по мејл, дека е сомнителна добиената докторска дисертација на Економскиот факултет при Универзитетот во Тирана – Албанија, а за целосна веродостојност, поднесов барање за пристап до информации од јавен карактер до МОН. Благовремено добив писмен одговор од службите на МОН, каде што од добиеното Решение УП1бр.15-1061 од 16.11.2017 година, се констатира дека ти се признава високообразовната квалификација стекната во странство, диплома издадена (Универзитет Тирана) на 03.02.2017 година, како документ за завршен трет циклус докторски студии и стекнат научен степен Доктор од областа на економијата. Целокупната постапка е завршена со Записник бр.15-12266/1 од 05.10.2017 година, од страна на Стручната комисија за еквиваленција и признавање на високообразовни квалификации.

Од погоре наведената ваша биографија се констатира нелогичност и незаконитост, всушност, неможе да бидете избран во наставно-научно звање доцент (од 29 ноември 2016 година) бидејќи во тој период не била нострифицирана вашата докторска квалификација, со оглед на фактот што целосно е нострификација и завршена октомври 2017 година во МОН. По завршување на нострификацијата може да се поведе постапка за избор во наставно-научно звање доцент, а не пред тоа. Се поставува прашањето: Дали е на повидок СКАНДАЛ министре Јетон Шаќири извршен од ваша страна и на вашиот матичен универзитет МУС-Струга, за ова треба да се произнесете, да провери и испита Државниот просветен инспекторат и надлежните институции, пред се МВР?!. А, по однос на тоа дека сте биле автор на стручни трудови од областа на економијата и финансии, немате никакви конкретности кои се тие трудови?

А, за Агим Рушити, директор на Агенцијата за квалитет на високото образование, само се констатира дека, бил вонреден професор на Универзитетот „Мајка Tереза“ во Скопје, од областа на математичките науки. Завршил трет циклус докторски студии по математички науки на Универзитетот во Нови Пазар, во Србија, на 06.05.2016 година, како и доктор на педагошки науки на Филозовскиот факултет при УКИМ. Во албанскиот портал Gazeta FAKTI на16.02.2022 година, меѓу другото пишува: Зошто Агим Рушити треба да биде избран за ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје, како што се наведува: „… дека бил со управувачки и креативни академски способности… Агим Рушити, еден од најзаслужните личности во креирањето и правната организациона структура во поглед на креирање и основање на универзитетот „МАЈКА ТЕРЕЗА“ – Скопје… Универзитетот „Мајка Тереза“, има потреба за еден ваков амбициозен РЕКТОР како АГИМ РУШИТИ, кој нема потреба да катапултира од политичкиот живот и политичките структури за да биде успешен во неговите свети МИСИИ…“.

Чудно. Но, практиката покажува нешто спротивно. Во наведениот текст АГИМ РУШИТИ се престатува како личност која што политички не е активна и не обавувал и не извршува политичка активност…. Директор на АГЕНЦИЈА ЗА КВАЛИТЕТ каде што е назначен од ВЛАДАТА НА Македонија, од политичката партија ДУИ … истиот како долгогодишен раководител за високо образование во МОН…

Господа Јетон Шаќири и Агим Рушити, наместо да зборувате на средбите за реалните состојби во високото образование во Република Македонија, вие зборувате (како што наведов) за ланскиот снег во образованието. Срамота. Само да ве потсетам, иако знаете двајцата каква е состојбата во високото образование и во науката и што е актуелно и за што треба да зборувате еве да ве потсетам:

• За состојбата со невалидни или фалсификувани дипломи кои се откриваа и се откриваат во Македонија. Како што е: Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, од истражувањето беше расадник за фалсификувани дипломи. Фалсификувани дипломи купени во Бугарија, Албанија и Косово. Да ја потсетиме македонската јавност, како пред неколку години во тетовското Селце – „Универзитетски град“, се фалсификувале дипломи од ДУТ-Тетово се продавале „на кило“ во тетовското село Селце, каде што МВР во куќа открила мини-работилница во која се изработувале лажни дипломи. Најголемиот дел од дипломите го носеле називот на Факултет за медицински науки при Државниот универзитет Тетово, или како што се спомнува тетовскиот универзитет и крагуевачкиот и новопазарскиот од Република Србија. И тоа не по добро. Туку по разни докторати, плагијати-копирање на туѓи научни трудови (каде на МУС-Струга на вашиот матичен универзитет министре Мерко и други докторирале во Нови Пазар и не им се нострифицирани докторските, а се во наставно-научни звања доценти, а можеби и во вонредни професори) кој се откриваат како што е случајот на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Тетово и тоа кај професорите Неџбедин Беадини, Шеќибе Беадини (која е и кординатор на докторските студии), Абдулена Беадини, Емира Беџети, Мирлинд Беџети, Дестан Халиди, Екрем Исмани. Од истражувачката сторија на публикацијата „Веритас“, каде се наведени примери на овие седум лица од наставен кадар на овој универзитет за чии научни трудови е утврдено дека се плагијат. Со други зборови, користеле туѓ интелектуален научен труд, преставувајќи го како свој. Исто така, на овој Медицинскиот факултет, поради настојување на деканот професор д-р Кастриот Хаџиреџа, да се стави крај на неправилностите и скандалите, ректорот на овој Универзитет професор д-р Вулнет Амети, бара од деканот да се „протуркаат“ 15 докторанти (има докторанти од Косово) со докторски плагијати, како и незаконски унапредувања во наставно-научни звања на некои лица кои не ги исполнуваат законските услови (научни трудови и докторат добиен од Универзитетот на Обединетите нации од областа здравствен менаџмент за унапредување во вонреден професор по максилофацијална хирургија). Откако го одбил тоа ректорот го суспендира од позицијата декан. Ова е меѓународен скандал. За ваквиот чин ректорот треба да си поднесе неотповиклива оставка. Министерството за образование и наука (Мила Цароска), Владата (Зоран Заев), директорот за квалитет во високото образование (Агим Рушити), како и Одборот за акредитација (Владо Камбоски и евалуација (Марина Митреска) наместо да реагираат на овој меѓународен скандал, тие се соучесници на ваквиот образовен криминал, заедно со Државниот просветен инспекторат.

• Зошто господа Шаќири и Рушити, нема контрола на сите универзитети јавни и приватни во Република Македонија. Се поставува прашањето: Зошто од Косово или од Албанија доаѓаат да магистрираат или докторираат на македонските универзитети??? Зошто МВР молчи и не презема ништо, иако се доставени известувања до нив, како што е случајот со Струшкиот универзитет МУС – од каде доаѓаш господин министер Јетон Шаќири, каде што се вмешани високи функционери од Власта, судии…??? За образовниот криминал и корупција на нашите универзитети? Ова што се случува, во македонските универзитети се стигна дното. Срам. Каде е одговорноста!!!

• Кај нас во Македонија, се сака овие образовни скандали да се сокријат или забошотат, бидејќи има вмешаност на политички, и други високи личности. Само да ве потсетам, за разлика од нас во Република Србија, поконкретно образовниот скандал на Универзитетот во Крагуевац со „албански македонски студенти“ кои докторирале, не сопираат и ја разбрануваат високообразовната академска фела во Србија.

• Високото образование и нивните промени, главно се сведени на проширување на опфатот на студенти, преку разграничување и хипертрофија на универзитетската мрежа – 24 универзитети со над 130 факултети и над 600 (се спомнува бројка и од 2.000) студиски програми и формирање бројни дисперзирани центри, без добро подготвена аналитичко- предвидувачка основа и расправи, посебно од аспект на критериумите и стандардите на квалитет и на потребите на пазарот на трудот. Со овие квантитативни ефекти, изостанува настојувањето за подигање на квалитетот на студиите на високото образование;

• Наспроти законската обврска за редовна реакредитација на високообразовните институции (најмалку пет години), не се врши никаква систематска контрола над законитоста на работењето на универзитетите (како приватни и јавни универзитети – и нивните единици) некои од нив го уриваат квалитетот и ги компромитираат критериумите за квалитет, како во образовна така и во научна дејност. Тоа е твоја одговорност Агим Рушити. А, сега бараш преку твојата партија ДУИ да бидеш ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје (читај Gazeta FAKTI- текстот е на албански: Зошто Агим Рушити треба да е РЕКТОР на Универзитетот„Мајка Тереза“ во Скопје)

• Одредени универзитети добиле акредитација, а не ја исполнуваат основната норма за изведување на високообразовна дејност. Некои универзитети имаат само по неколку редовно вработени професори, а имаат пет или повеќе факултети и многу студиски програми, за кои се дадени акредитации, а некои добиени акредитирани студиски програми дури се во мирување, некои немаат просторни услови, немаат лаборатории, немаат можност за изведување на настава и вежби имаат само запишани студенти. За сето ова запознаени се сите досегашни министри за образование, Агенцијата за квалитет во високото образование и нивните тела: Одборот за акредитација и Одборот за евалуација, а политизираниот Државен просветен инспекторат ништо не се презема. Всушност, истите го подржуваат образовниот криминал. Мора да се напомене дека длабоко во образованието е влезена политиката, овие универзитети кои се формирани, како што се: Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје, Информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ – Охрид, Универзитетот Тетово – Тетово (соучесници во образовен криминал поранешниот министер за образование Арбер Адеми, заменикот министер поранешен за внатрешни работи и сега заменик министер за правда Агим Нухиу), Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово, Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола, формираните приватни универзитети како што се: Приватниот универзитет во Струга (МУС) – универзитет твој министре Јетон Шаќири и ти си соучесник на образовниот криминал на овој универзитет, Приватниот универзитет МИТ во Скопје, ФОН универзитетот Скопје, Приватниот Европски универзитет – Скопје, Приватниот универзитет за туризам и менаџмент, Приватниот Славјански универзитет – Свети Николе, Приватниот меѓународен балкански универзитет во Скопје, Приватниот Визион универзитет – Гостивар, Приватниот универзитет Еуропа Прима – Скопје… За жал, политиката го диктира образованието во Македонија. Ваквиот начин драстично го намалува квалитетот на високото образование во нашата држава (види: Македонскиот бродолом на високото образование и наука)

• Високообразовните и научни институции во земјата не вршат редовна внатрешна евалуација, а примерите од надворешна евалуација, главно се исклучок;

• На јавните високообразовни институции, научноистражувачката дејност е целосно маргинализирана под неопходниот минимум;

• Бизнис – секторот е сосема маргинализиран во процесот на стратегиското планирање и програмирање, управување, управување и финансирање на образованието и науката, што доаѓа до евидентна неусогласеност на високото образование со потребите на пазарот на трудот;

• Јавните вложувања во образованието се одржуваат на ниско ниво. Додека во Европската унија тие изнесуваат околу 5% од БДП, а во земјите од регионот околу 4%, показателот за Македонија е под просек во регионот. Индикаторот за научно-истражувачка интензивност – учество за вложување за истражување и развој во БДП изнесува само 0,22% и е меѓу најниските во регионот.

• Не постои добро осмислен систем на финасирање на високото образование и науката. Постојниов систем се базира на палијативни, често проследени со дискрециски нелогични и ad hoc решенија на централната власт, кои не гарантираат стабилни извори на средства за нормално функционирање на високообразовната и научноистражувачката дејност во земјата.

За напред наведеното да зборувате и да се сноси одговорност, а не парадирање и смеење пред камерите. Засрамете се! На крај би завршил со големиот Нелсон Мандела: „Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот“.

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.