Општина Ѓорче Петров ги демантира информациите во текст објавен на Нетпрес, а насловен како „Градоначалникот Наумовски потрошил 2 милиона денари народни пари за сопствени потреби?!“.
„Статијата е објавена по објавен фејсбук статус на страницата Ѓорче Петров, во чиј напис се изнесени голем број лаги, навреди и клевети.
Апсолутна невистина е дека „Само во 2018 година, со еден договор, два милиони денари народни пари се потрошени од страна на градоначалникот Александар Наумовски за пијалоци и храна кои се купени за неговите потреби: Вино, пиво, ракија, жестоки обоени пијалоци, фстаци, лешници, разни сирења, кашкавали, сувомеснати производи, пити и уште еден куп други артикли“.
2.100.000 денари е вредноста на Договорот за набавка на прехрамбени продукти и пијалоци склучен на 28.5. 2018 година, помеѓу Голд Гуп дооел и општина Ѓорче Петров, но од таа сума потрошени се 342 997 денари. Овој договор важи до 28.5. 2019 година. За 2020 година општина Ѓорче Петров нема склучено никаков договор за набавка на прехрамбени продукти и пијалоци.
Ниската реторика на опозицијата скриена под плаштот на анонимни Фејсбук страни оди дотаму што се вели: „Градоначалниче, знаеме дека сте мераклија на пивнување и мезење (повеќе на пивнување отколку на мезење), ама нели ви е срам додека ѓорчевци работниот ден го минуваат со ѓеврек и јогурт (реко кој има за јогурт со ѓеврекот) вие со нивни пари трпези, софри и аздислаци да терате“. Ваквите тврдења не само што не се точни, туку се насочени и кон омаловажување, повреда на честа и угледот и на кредибилитетот на Градоначалникот, на општина Ѓорче Петров и на Советот кој ги усвојува извештаите како и на општинската администрација која работи во интерес на своите граѓани.
Договорот за 2018 предвидува набавка на храна и пијалоци за потребите на општина Ѓорче Петров а не за потребите на градоначалникот. Според налозите за исплата на општина Ѓорче Петров, јасно може да се види дека од овој договор за 2018 година исплатени се 12.600 денари за новогодишни пакетчиња за децата со посебни потреби, 130 410 за новогодишни пакетлиња за првиачињата од шесте основни училишта, 5 253 за одбележувањето за Ден на крстот, 17 188 денари за новогодишен коктел за пензионери и почитувачи на НОБ.
Срамот не е на страна на оваа општинска администрација и Градоначалникот, напротив лидери во расипничкото раководење и несовесното трошење на народни пари се токму ДПМНЕ. Тие само за една вечер во 2017 година потрошиле 10 000 евра за храна и угостителски услуги“, стои во демантот на Општина Ѓорче Петров.