Деманти дека Атина прифатила превод и име кое не е слеано, а од Скопје се барало ерга омнес решение и промена на Уставот

Вистинска бомба одекна од Виена во петокот, според грчката телевизија SKAI, грчката страна се повлекла од барањата за слеано име кое ќе биде без превод, односно наместо понуденото име „Горнамакедонја“ се дискутирало за предлогот „Горна Македонија“ или преведено на англиски „Upper Macedonia“, но преговарачите негираа дека во австриската престолнина се дискутирало за тоа.

Грчката страна наводно побарала „ерга омнес“ решение кое имплицира промена на Уставот, особено на Членот 49 кој е најважен за Грција каде што се наведува дека „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив“.

Преговорите, според телевизијата, ќе продолжат по Велигден кога ќе има нова средба на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, како и на шефовите на дипломатиите на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас.

По завршувањето на средбата во Виена и изјавите на медијаторот Метју Нимиц и министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, грчкото министерство за внатрешни работи излезе со соопштение во кое демантираше информација објавена во одредени грчки медиуми дека македонската страна наводно била подготвена да направи уставни промени, јави МИА.

„Никаков дипломатски или друг грчки извор не рече дека скопската страна изјави дека е на располагање да направи одредени промени во Уставот на земјата. Конкретното споменување е намерна провокација од страна на секој медиум што ја пренесе конкретната информација“, пишува во соопштението од грчкото министерство за надворешни работи.

По демантот на грчката дипломатија дека македонската страна се согласила на промени на Уставот, Димитров на микроблогот напиша дека преговорите за името се во деликатна фаза и оти шпекулациите се штетни.

 

„Процесот за спорот за името е во деликатна фаза и шпекулациите од одредени медиуми се штетни, јас стојам на моето јавно соопштение и ја информирам јавноста дека не сум дал дополнителни неформални изјави“, објави во петокот вечерта на Twitter македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.