Демаркус Казинс покрај Џејмс и Дејвис во Лејкерс

Дваесет и осумгодишниот американски кошаркар Демаркус Казинс, кој минатата сезона настапуваше за тимот на Голден Стејт Вориорс, реши кариерата да ја продолжи во Лос Анџелес Лејкерс, придружувајќи им се на Леброн Џејмс и Ентони Дејвис, со кои играше во американската репрезентација и во Њу Орлеанс Пеликанс, пред во јануари 2018 година да ја повреди Ахиловата тетива.

Казинс важи за еден од најдобрите центри во НБА лигата, а минатата година ја изненади целата спортска јавноста со потпишувањето на едногодишниот договор во износ од 5,3 милиони долари со Голден Стејт, каде што пристигна со цел да дојде до титулата во најсилната кошаркарска лига на планетата. Меѓутоа, Вориорс беа спречени во оваа намера од Торонто Рапторс и од повредите, а токму Казинс беше првата ѕвезда на тогашните бранители на титулата која се повреди уште на почетокот од плеј-офот.

Казинс и со Лејкерс потпиша едногодишен договор на износ од 3,5 милиони долари, а целта му е иста каква што ја имаше со Вориорс – да го освои шампионскиот прстен. Притоа сака да ја демонстрира својата форма којашто би му донела нов повеќегодишен договор, каков што заслужува еден „олс-тар“ играч.

Покрај Казинс, Лејкерс договорија нова двегодишна соработка со искусниот плеј Раџон Рондо, кој во првата сезона ќе заработи 2,6 милиони долари, а потоа ќе има опција да си замине од Лос Анџелес. Рондо и минатата година беше соиграч на Џемјс, во неговата прва сезона во дресот на Лејкерс. Рондо минатата сезона одигра 46 натпревари си просечен учинок од 9,2 коша, 8 асистенции и 5,3 скокови.

Во тимот на Лејкерси претходно одлучи да се врати и центарот Џавејл Мекги, а нови лица меѓу „Езерџиите“ кои предводени од Леброн Џејмс ќе тргнат по титулата , се и Дени Грин кој ја освои НБА со Торонто, искусниот 34-годишен ветеран Џаред Дадли кој дојде од Бруклин Нетс, и 26-годишниот Квин Кук, поранешен разигрувач на Голден Стејт Вориорс.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.