Демерџиев: Ние го почитуваме македонскиот народ и државата

Иван Демерџиев, министерот за внатрешни работи на Бугарија и вицепремиер беше на чело на бугарската делегација која положи цвеќе пред гроб от на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“  на чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер. Под полициска придружба во секој момент се очекува да пристигнат и бугарските граѓани.

„Денеска овие мерки за сигурност се неопходни, а сигурност значи, сите што сакаат да искажат почит за Гоце Делче тоа слободно да можат да го сторат“, изјави министерот за внатрешни работи на Бугарија, Иван Демерџиев откако положи цвеќе на гробот на великанот заедно со претставници на бугарската влада.

Кажа дека имало бугарски граѓани кои биле спречени на границата да влезат во Македонија и рече дека треба да се даде можност на сите да дадат почит.

„Нема причина за провокации. Ние треба да одиме напред, а тоа е обединета Европа, тоа налага стабилност. Ние сме должни да изградиме сигурност и стабилност меѓу народите на двете држави. Ние не дојдовме овде да правиме провокации, туку да покажеме почит. Ние сме соседи и добрососедството треба да продолжи“, рече Демерџиев.

Додаде дека очекува секој бугарски граѓанин да стаса овде, да положи цвеќе и притоа да биде безбеден.

Прашан за тоа, дали изјавите дека Македонија е бугарска држава се во насока на добрососедски односи, министерот одговори дека Република Бугарија била првата која ја признала Република Северна Македонија.

„Ние ги почитуваме македонскиот народ и државата“, потенцираше Демерџиев.