Демократија под ризик: кога стравот станува политичка стратегија

331

Еден од многуте несреќни нуспроизводи на изборите и владеењето на СДСМ е враќање на стравот на политичката маса. Иако стравот е стара тема во политиката (Атињаните го прогласија за еден од трите најсилни мотиви за акција, покрај честа и интересот), оваа власт го воскреснува на најбезобзирен начин. Стравот е планирана политичка стратегија на власта по постизборниот инжињеринг во 2016. Сега треба да го преуреди и дестабилизира изборниот пејсаж. Особено кога политички очајници бараат очајни мерки за преживување.

Со приближување на почетокот на изборната кампања, можеме да очекуваме да слушнеме за сите ужаси што нè чекаат доколку биде избрана другата политичка  опција. Стравот е во воздухот (а, тој реално е доволно загаден) и стравот се зголемува. Македонците треба да се плашат денес, многу повеќе отколку вчера. Треба да се доведат до екстремни позиции во политичкиот спектрум, кога се соочени со стравот.

Ако порано се манипулираше со стравот од меѓуетнички тензии, сега се манипулира со стравот дека: ако се отвори можноста при промена на власта да се укине договорот од Преспа ќе сме се врателе назад, што би било „спротивно на нашите стратешки интереси“ и крај на „целиот прогрес“, што го остварила оваа влада. Невообичаен маневар на манипулација со апстрактен страв.

Чудно некое разбирање на стратешкиот интерес на државава од страна на лидерот на СДСМ, Заев. Утре да умрев немаше да знам дека промената на името на државата било стратешки интерес на Македонија. И дека преку договорот од Преспа сме оствариле прогрес. Тоа е кога стратешкиот интерес на државата се изедначува со стратешкиот интерес на една политичка опција. Која сиве години се декларира државотворна.

Вообичаено, нашата способност да судиме дали некоја политика служи на стратешките интереси на државата е тесно поврзана со тоа колку била демократска одлуката зад ваквата политика. А, колку беше демократска одлуката при промената на името на државата и кој прогрес ни донесе, видовме.

Министерката за одбрана отиде чекор напред во билдањето страв меѓу електоратот, сугерирајќи дека „да се чепка во Договорот од Преспа кој е склучен помеѓу два соседи со силно присуство и поддршка на меѓународната заедница, е исто како овде на Балканот да се пали буре-барут“. Ова се вика вистинско „вооружување“ на стравот, со цел да се одржи власта по секоја цена. Па, макар и со закана од војна. Само се прашувам со кого?

Манипулативните политичари се свесни како со употреба на тактики засновани на страв да контролираат како размислувате и се однесувате. Знаат дека стравот е многу силна алатка што може да ја замагли логиката на луѓето и да го промени нивното однесување. И токму на таа карта игра власта. Верува дека генерирајќи вознемиреност низ страв може да влијае врз политичките ставови, потенцијално предизвикувајќи анимозитет кон спротиставената политичка опција. На тој начин сакаат да ја заобиколат нашата логика и да ни сугерираат однесување на изборите кое повторно би ги устоличиле на власт.

Формулата на Заев е многу чиста и некомплицирана: бидете многу, многу уплашени. Јас сум лекот. Тој е господар на стравот, повикувајќи го на конкретни и апстрактни начини, повикувајќи го и потврдувајќи го. Тој е мастермајндот кој го разбира и канализира стравот низ гласачкото тело.

Мислам дека доволно не плашеше. Го презасити амбиентот во државава со духот на стравот. Доста живеевме со страв кој висеше над нашите глави последниве години. Време е за храброст. Време е да се спротиставиме на манипулациите со стравот. Поднесовме доста страв за да не’ плашат повеќе. Време е тој да се плаши. Од народот што му го зема достоинството и го обезличи.

Ако сакаме да се спротиставиме на ваквата политичка стратегија на власта треба да развиеме емотивен радар, што предизвикува ментален аларм кога доживуваме страв, за време на политичкиот процес на одлучување. Кога стравот доаѓа од политичари на власта, мора да научиме да ги поврзуваме чувствата на страв со потребата да се забават, размислат и рационално да се оценат опциите што ни стојат на располагање, наместо да подлегнуваме на импулсивни реакции. Тоа е токму она што го посакува власта во кампањата за избори. Импулсивност, наместо рационалност.

Алтернативата за стравот е и храбро принципиелно лидерство. Политичко лидерство кое треба да не заштити и да ги разобличи политиките на страв со кои ќе манипулира власта на изборите. Лидерство кое ќе ја одврати власта од можноста негативната кампања на изборите да премине во нешто подмолно и деструктивно. Кое ќе одговори на сите закани кои предизвикуваат страв и ќе ја заштити демократијата  во земјава.

Игнорирањето и недоразбирањето на стравот ќе не’ остават слепи и беспомошни во времето што доаѓа. Затоа време е да се соочиме со стравот. И да го поразиме.

Се нешто думам. Почнаа да не’ плашат со преспанскиот договор. Очекувам да продолжат со русофилството. И кој не’ плаши? Бившите комунисти!!! Која пародија од држава станавме.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.