Демократите го почнаа вториот обид за отповикување на Трамп

Претставниците на Демократската партија во американскиот Конгрес го започнаа во вторникот вториот обид за соборување на републиканскиот претседател Доналд Трамп, изнасувајќи ја предлог-резолуцијата со којашто бараат негово отповикување поради наводно поттикнување на бунт откако масата негови приврзаници минатата седмица упаднаа на Капитол Хил кои се убедени дека претседателските избори од 3-ти ноември се фалсификувани на негава штета при што животите ги загубија пет лица.

Претставничкиот дом, во кој демократите имаат изразено мнозинство, за тоа би требало да дискутира веќе во средата. Доколку предлогот биде усвоен, Трамп би станал првиот претседател во американската историја за кој двапати е носен импичмент во долниот дом на парламент.

Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, која изминатите четири години беше еден од најжестоките противници на Доналд Трамп, многу демократи и мал број републиканци сметаат дека на републиканскиот претседател не смее да му се дозволи до крај да го одработи својот мандат, кој завршува на 20-ти јануари.

„Штитејќи го нашиот устав и нашата демократија, ќе дејствуваме итно, бидејќи овој претседател е директна закан за двете“, им порача Пелоси на сопартијците во неделата.

Сепак, општ е впечатокот дека станува збор за иницијатива на демократите чија цел не е само на помалку од седмица пред истекот на мандатот да го соборат од должноста, туку во процес кој би продолжил и по 20-ти јануари да го оневозможат да се кандидира на претседателските избори во 2024 година како што Трамп повеќепати проача.

Републиканците претходно го блокираа предлогот веднаш да се разгледува резолуцијата со кој се повикува потпретседателот на САД, Мајк Пенс, да го активира 25-от амандман од Уставот според кој со мнозинство во кабинетот на администрацијата Трамп би бил отстранет од претседателската должност како неспособен да ја извршува, а кој никогаш не бил искористен досега. Пенс, кој до 20-ти јануари би ја извршувал должноста американски претседател, како и неговите колеги, засега не покажаа интерес за тоа. Пенс на Капитол беше со семејството во време на упадот и според медиумите веќе не комуницира со Трамп.

Од друга страна, имајќи ја предвид огромната поддршка што ја ужива Трамп, освои најмногу гласови во историјата за претседател кој се кандидира за вториот мандат, републиканските политичари мора да сметаат и на тоа како нивниот однос по ова прашање ќе се одрази на идната поддршка кај републиканските гласачи. Впрочем се смета дека токму незастанувањето црврсто зад Трамп од страна на Републиканската партија придонесе да ги загубат двата сенатори во сојузната држава Џорџија, со што го загубаија и мнозинството во горниот дом на Конгресот.

Пратеникот Џон Мекговерн, претседател на Комитетот за деловник на Претставничкиот дом, изјави дека очекува дека расправата по предлогот за отповикување на претседателот ќе се одржи уште во среда и верува дека ќе биде усвоен.

„Она што го направи претседателот беше бескрупулозно и тој мора да одговара“, изјави Мекговерн за CNN.

Мнозинскиот демократски Претставнички дом на Конгресот во 2019 година гласаше за отповикување на Трамп поради наводиното вршење притисок врз Украина да го истражи Бајден за влијание врз Киев да ја запре истрагата за корупција за неговиот син, но во Сенатот во кој мнозинството го имаа републиканците импичментот не мина.