Демократите сакаат републиканците да ја „платат цената“ за брзото именување во Врховниот суд

Демократскиот кандидат за американски претседател Џо Бајден во неделата изјави дека гласачите нема да ја толерираат „злоупотребата на моќта“ доколку републиканскиот претседател Доналд Трамп и републиканците пред изборите на 3-ти ноември ја именуваат конзервативната судијка Ејми Кони Барет во Врховниот суд.

Републиканците најавија дека брзо ќе го потврдат во Сенатот, каде што имаат мнозинство, менувањето на Барет, а демократите признаваат дека немаат големи надежи дека може институционално да го запрат именувањето, но сакаат претседателот Трамп и републиканците да ја „платат цената“ за тоа на избирачките места на 3-ти ноември.

Анкетите покажуваат дека повеќето гласачи сакаат новиот судија во Врховниот суд да го именува следниот претседател. Бајден и неговите приврзаници предупредуваат дека со третото именување на судија во мандатот на Трамп може да се загрози пристапот до здравствено осигурување на милиони Американци според спорната програма што ја донесе претходниот демократски претседател Барак Обама, позната како „Обамакер“.

„Нема мистерии околу тоа што тука се случува“, рече Бајден во говорот во сојузната држава Делавер.

Доколку во Врховниот суд со именувањето на Барет дополнително се зацврсти конзервативното мнозинство, републиканците „ќе ја зграпчат можноста да го укинат“ Affordable Care Act (ACA), рече Бајден, алудирајќи на законот донесен во 2010 година кој требаше да го намали бројот на здравствено неосигурани Американци.

Републиканците постојано го критикуваат овој закон како неефикасен и дека не ја постигнал целта туку довел до поскапи здравствени услуги. Трамп повторно најави дека постои можност највисоката судска истанца да ја укине „Обамакер“, тврдејќи дека неговата администрација има далеку подобра програма за здравствено заштита.

„Омабакер ќе биде заменет со МНОГУ подобра и ДАЛЕКУ поевтина алтернатива доколку Врховниот суд го укине. Тоа би била голема ПОБЕДА за САД!“, напиша Трамп на Twitter.

Демократите повторуваат дека брзањето во именувањето на замената за недамна починатата либерална судијка Рут Бејдер Гинзбург е „лицемерие“, бидејќи водачот на републиканците во Сенатот, Мич Мекконел во 2016 година не сакал да ја сослуше кандидатката на Обама, Мерик Гарланд, девет месеци пред тогашните избори.

Демократскиот сенатор Дик Дарбин рече дека демократското малцинство во ова тело нема да успее да ги принуди републиканците да го пополнат да не го пополнат местото во Врховниот суд во толку кус период пред изборите. Гласањето, инаку, поради инсистирањето на демократите да се гласа по пошта, веќе започна во неколку сојузни држави.

„Можеме тоа да го забавиме за неколку часа, можеби денови, но не можеме да го спречиме резултатот“, изјави Дарбин за телевизиската мрежа ABC News.

Судиите во Врховниот суд се именуваат доживотно, а до смртта на Гинзбург во него имаше пет конзервативни и четири либерални судии. Трамп во својот мандат веќе именуваше двајца конзервативни судии, а со новото именување судот би можел дополнително да скршне в десно и да донесе промени по прашањата како што се здравственото осигурување и абортусот, на кои остро се противи предложената судијка Барет.

Претседателот Трамп во текот на својот мандат именуваше двајца конзервативни судии, Нил Горсач во 2017-та, и Брет Кавано во 2018 година. Од номинирањето на Горсач до изборот во Сенатот минаа 67 денови, додека Кавано следната година беше именуван за 89 дена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.