Демократски сојуз на избори под мотото „За Европска Македонија“

Изборната програма на Демократскиот сојуз за овие избори оди под мотото „За Европска Македонија“. Дводецениско залагање на ДС за европски вредности и стандарди во Македонија е причината што на овие избори партијата настапува заедно со коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, истакна денеска Зоран Димитровски, генерален секретар на ДС, кој најави одржување на Шестиот Конгрес на партијата.

„Демократскиот сојуз оваа година одбележува јубилеј 20 години од формирањето на партијата, а тоа се совпаѓа со предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 15 јули. Веќе две децении Демократскиот сојуз е препознатлив по својата автентична политичка програма и енергичното залагање на нашиот претседател г. Павле Трајанов за создавање правна држава, борба против организираниот криминал и корупцијата, деполитизирани институции, слободни медиуми“, рече Димитровски.

Од Демократскиот сојуз сметаат дека со членството во НАТО и почетокот на преговорите за членство во ЕУ, кои очекуваат да започнат до крајот на оваа година, во земјава конечно ќе почнат да се почитуваат високите европски стандарди на правдата, слободата и демократијата.

„Напредокот во европските интеграции го постигнавме со болни отстапки, но тој е најдобриот начин да ги надминеме сите проблеми со кои се соочуваме. Пред сè, здравствената и економската криза, но исто така да го реформираме судството, да ја направиме правдата еднаква и достижна за сите, да создадеме услови младите луѓе да останат да живеат во Македонија, да ги кренеме стандардите на демократијата“, истакна Димитровски.

Од Демократски сојуз велат дека во изборната програма имаат оригинални решенија за сите овие предизвици, и се надеваме дека тие ќе станат дел од владината програма на победничката коалиција.

Демократскиот сојуз ќе го одржи својот Шести конгрес в сабота на 11 јули во 11 часот пред Хотелот „Белви“ со почитување на сите заштитни мерки и здравствени протоколи. Конгресот ќе биде изборен, каде што ќе бидат избрани нови раководни тела на партијата, Централен совет и претседател.

Инаку, на листата на кандидатите за пратеници на коалицијата „Можеме“’ во ИЕ 4 е и претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов.

„Гласајте за Европска Македонија!“, повикуваат од ДС.