Демократските претседателски кандидати во маратонска дебата за климатските промени

Демократските кандидати за претседател на САД во маратонска емисија на „Си-Ен-Ен“ дебатираа за климатските промени претставувајќи ги гледиштата на опозицијата и прогресивната левица за запирање на глобалното затоплување и напуштање на зависноста од јаглеводородни енергесни.

На дебатата, траеше седум часа, учествуваа десет кандидати кои имаат најголема шанса да се изборат за соперник на претседателот Доналд Трамп на изборите идната година.

Собирот на кандидатите, од поранешниот секретар за труд и социјала, Хулиан Кастро до поранешниот конгресмен од Тексас, Бето О’ Рурк или сенаторите Елизабет Ворен, Камала Харис и Берни Сандерс, покажа дека сите имаат кохерентен став за климатските промени.

Дека променаата на климата е реална закана за човештвото и предизвикува досега незапаметени урагани и други катастрофални временски неприлики како поплави или пожари. Потоа, дека во прашање е иднината на генерациите што доаѓаат и дека треба да се оформат нови политики за заштита на планетата и запирање на глобалното затоплување.

Една од тие политики е и лани прогласениот Нов зелен курс, храбар инфраструктурен план на демократите во висина од 18 илјади милијарди долари (18 трилиони долари) за тотални реформи во производството и конзумирањето на енрегијата во САД. Долгорочна цел на демократите е целосно оттргање на економијата на земјата од јаглеводородни ресурси и нула издувни гасови до 2050 година.

Поранешниот потпретседател Џо Бајден на пример истакна дека иако улогата на САД е да биде светски лидер во обновливи извори на енергија, „но нема да успееме во тоа без вклученост на остатокот од светот“.

-Дури и со целосна елиминација на издувните гасови во САД, светот се уште ќе биде во криза, изјави Бајден. Додаде дека доколку биде избран за претседател, веднаш ќе побара средба со претседателот на Бразил, Жаир Болсонеро за заштита на прашумата Амазонија.

За Сандерс дипломатијата мора де биде инструмент за вклученост на другите земји. Тој смета дека нуклеарната енергија, иако чиста, е опасна и скапа. Доколку стане претседател пак тој, неговата администрација ќе ги компензира работниците во нафтениот сектор кои ја изгубиле работата поради смена на технологиите со плати до пет години.

Сенаторката Ворен, која засега во рејтинзите избива на прво место како номинант за претседателски кандидат, пак се залага за оданочување на произведувачите на издувни гасови во зависност од тоа на чија територија се наоѓаат (различни даноци за разни сојузни држави), и демонтажа на нуклеарната енергија. Работниците во нафтениот и атомскиот енергетски сектор кои би останале без работа, таа предлага да бидат вработени во новите инфраструктурни проекти.

Нејзини таргети за елиминација на издувните гасови се следни: Нула издувни гасови кај новите градби до 2028 година, нула издувни гасови кај новопроизведените автомобили до 2030 година, и во произвдството на електрична енергија до 2035 година.

Таа зборуваше и за штетноста на издувните гасови не само во атмосферата туку и во океаните – тема што никој не ја допре.

Сенаторот Кори Букер има слични ставови со една разлика, тој се залага за зачувување на нуклеарната енергија како еден од главните снабдувачи, покрај обновливите извори.